Имагинација ми е опкружувањето

Александра Богоеска, скулптор

“Уметноста нема граници. Црташ, сликаш, создаваш скулптури, мозаици. Имагинацијата ја преточуваш во дела за трајно сведоштво. Говорат за творечкиот ангажман”. Вака вели вајарот Александра Богоеска, која досега имала самостојна изложба и групни во родниот град и во Куманово и Скопје. Објаснува дека е духовна работа создавањето на дела со форма, облик. Го пренесуваме во секаков облик и форма она што го гледаме. Инспирацијата е секојдневна, опкружувањето. Се што забележувам ми ја предизвикува имагинацијата, ми ја збогатува, ме тера на творештво – вели вајарката. Креира во повеќе техники, ама каменот í е преокупација. Каменот е специфичен и карактеристичен. Особено мермерот ми е предизвик. Треба внимание, трпение додека се гради идејата и се доаѓа до целта. Самата форма, глатка, мека, тврда предизвикува да создадеш дело што ќе го гледаат луѓето. Успехот доаѓа со целосна посветеност. Убаво е чувството кога делото го “допираат” погледите. Останува да зборува за мене нешто во што сум вградила дел од себе – додава Богоеска. Од неодамна ја преокупираат мозаиците. Мозаикот е специфичен по градбата, форма, движењето на облиците, оти е најстарата техника, која датира одамна. Убаво е кога ќе ги совладаш тајните на редење камчиња, кога создаваш целина од ситни делови – објаснува Александра, која го поздравува реализирањето на проектот “Прилеп галерија на отворено”.

Loading