Берберница за лаф – муабет

Некогаш, а и денеска берберниците се места за мајтапи, за муабети за политика, за портарски приказни. Не се посетувале само за потстрижување или за дотерување на фризурата во духот на модните трендови. Тоа биле простории за бистрење политика, за наоѓање мани и фалење на фудбалерите и другите спортисти. Особено интересна била берберската задруга, која интегрирала неколку бербери на последната локација на плочникот во близина на стара НАМА. Таму не работеле мајсторите само со ножиците, бричовите или со рачните машинки. Беберницата била место за последните “информации”, модерно кажано медиум. Се разбирало кој се оставил со жената, кој бил “папучар”, кој се армасал, кој правел свадба или чекал принова. Посетители биле и кодошите. Тие црпеле информации и ги пласирале во ДБК. Муабетот секнувал и владеела клима на тишина само кога ќе му се дотерувала главата на некој официјален полициски инспектор.

Loading