Барам спонзор како Жито Прилеп

Ракомет: Светлана Китиќ, директор на Раднички Белград

Тука клубот има сала и хотел, а ние плаќаме станови исхрана и термини – вели најдобрата светска ракометарка на сите времиња

Гостуваше некогашниот трикратен европски шампион, српскиот Раднички од Белград, а во центарот на внимението беше директорката Светлана Китиќ, најдобрата светска ракометарка на сите времиња. Натпреварот беше повод за воспоставување соработка меѓу клубовите, за размена на искуства. Се интерсираше како функционира домаќинот и од виденото искажа убави импресии. Искрено, би сакала сопственик кој финансира сé, како во Жито Прилеп. Условите се одлични, клубот има своја сала, хотел и не се грижи за инфраструктурата. А ние плаќаме скапи станови, исхрана и термини. Тешко е без спонзор. Преговори и не прифаќаме секого за ситни пари. Дотогаш, финансираме јас и сопругот Милан Магиќ – вели Китиќ. Знае за женскиот ракомет во земјава. Видливо е дека далеку над сите се издвоија скопски Металург и Жито Прилеп. Забележува на составите. Доминираат ракометарки од страна, а домашните се реткост. Жито Прилеп не е исклучок. Не може Прилеп со 100 илјади жители да нема повеќе ракометни школи. Треба тренери да ги соберат девојчињата, а тука тимот се потпира на 12 од страна. Не сум против, но друго е со домашна основа. Доаѓаат повеќе публика, фамилија, роднини, другарки, сограѓани со првотимки израснати тука – смета Китиќ. Натпреварот заврши со победа на Жито Прилеп со убедливи 31-22 (17-12). Раднички има квалитет за отпор, но недоволен да извлече повеќе. Директорката мирно го прими епилогот. Не е проблем што загубивме. Учиме во Регионалната лига. Со Жито Прилеп сме тука некаде. И во Белград, напролет, ќе биде доста неизвесен меч – најави Китиќ. Претходно, вечерта спроти празникот 11 Октомври, белграѓанки го гледаа огнометот. Продавачите ја препознаваа Китиќ и од мерак за средбата и даваа попуст. Во минатото била во Куманово, Струга, Охрид, Скопје и Битола, а првпат беше во Прилеп.

Штета за КПК

Жито Прилеп несреќно отпадна од КПК, за еден гол, после победата на реваншот со чешки Бритерм од 25-18, а се можеше да биде далеку подобро. Патот беше отворен не само до третото коло, туку и до осминафиналето. Според ждрепката, Чехинките добија рамни на себе ривалки од Заглебје, Полска. Жалиме, но тоа е спортот. Продолжуваме напорно, чекајќи други шанси – порача тренерот Ристо Магдинчев.

Следна на 26 октомври

Наредниот меч од Регионалната лига е на 26 октомври, на гости кај српска Јагодина, во 5. коло. Дотогаш можно е да се одигра одложениот меч дома со Заечар. До крајот на есента се средбите со црногорските, Бисери – Плевља дома и Будуќност во Подгорица. На табелата водат Будуќност и Металург, пред Јагодина и Заечар, петти е Жито Прилеп, а на дното Бисери и Раднички.

Loading