Сила од Охрид за 11 меча

Фудбал: 11 Октомври на подготовки крај Езеро

Првотимците издржуваат стискајќи заби – вели тренерот Секуловски

11 Октомври, по освоениот прв гостински прволигашки бод кај Охрид 2004 со голот на Благоја Гешоски до резултат 1-1, од понеделникот до утре е на мини – подготовки крај Езерото. На двонеделната првенствена пауза се елиминираат слабостите. Тргна на подобро и одиме натаму. Благодарност за разбирањето од Управата и спонзорот Витаминка. Работиме двапати дневно, прво физички, после тактички. Стискајќи заби, дел од првотимците издржуваат. В недела сме слободни, а в понеделник пак на тренинг за дуелот со Силекс – вели Марјан Секуловски, тренер на 11 Октомври. На комплексот “Билјанини извори” тренираат 24 првотимци. Повредените, десниот бек Денис Димитриоски и за врска Новче Ацески, заздравуваат. По четири месеци и плејмејкерот Тони Мегленски е дел од колективот, а за него е посебен режим. “Акумулаторите” се полнат за претстојните 11 меча, девет првенствени и два за куп. Силата треба да не држи до крајот на есента. Не е попусто, оти верувам во позитивни ефекти – истакнува Марјан Секуловски. Денеска е тренинг меч на две постави, а пријателска не е предвидена. Следниот првенствен меч е на 15 октомври, дома, со кратовски Силекс. Неизвесно е каде, оти се чека казната од ФФМ. Можно е во Струга или Охрид, а можно е без публика во Прилеп.

Мицевски на трибина

Поранешниот репрезентативец, Тони Мицевски, наместо во родната Битола, гледа фудбал во Прилеп. Беше на трибина на мечот 11 Октомври – Ренова 0-1. Прилепски зет е, а играше за Победа. Мицевски ги гледа битолчаните во 11 Октомври.

Loading