Парада на “Бубите”

Продефилираа низ градот шест – седум Фолксвагени од популарниот модел “буба” од пред 30, па и повеќе години. Го привлекуваа вниманието, оти некоја беше дотерана, некоја “накинџирена” со широки алуминиумски бандаши и гуми, некоја бојадисана. Имаше и запоставени “убавици”, кои чекаат мејк ап од своите сопственици. Една со битолски таблички парадираше во летна верзија со пресечен покрив, небаре кабрио. Тоа беа неколку запаленици на “бубите”, кои ја открија својата љубов за славните автомобили, бидејќи сакаат да ја поделат “пријатната зараза” и да ги инфицираат и останатите сограѓани. Според нив, “бубите” уште се возат, оти се најиздржливи машини, и по 40 години експлоатација. Имаат привлечна шасија, секогаш “евергрин”. Затоа германската фабрика пред една деценија направи римејк на “бубата” од 1937 година. Имаат предност што не се превртуваат на покривот. Пријатно и атрактивно е возењето во популарните модели на Фолксваген. Неколкумина “каснати” од “буби”, организираа разгранок во Прилеп на македонскиот Буба клуб во Скопје со неколку стотина сопственици на Фолксвагени. Претседател е Благоја Гоцевски. Тој вели дека во градов се користат најмалку 25 “буби”. Преку разгранокот ќе може да се најдат ефтини нови резервни делови од Данска, а организаторите се носат со идеја да прават Буба тури низ земјава, како што тоа го сториле членови и клубови од други градови.

Loading