Чехинките губат во полна сала

Ракомет: В сабота Жито Прилеп – Бритерм Весели во КПК

Потребна е победа од седум – осум гола

Утревечер (19 ч.), вриеж од публика во арената “Сонце” за поддршка на Жито Прилеп во пресметка со чешки Бритерм Весели, на реванш од 2. коло на женски ракометен КПК. За пласман натаму, неопходна е победа од седум или осум гола, со оглед на негативата 24-17 на првиот меч во Ходоник. Има надеж, оти дадовме најдобра игра на гости. Затворивме приоди, ги принудивме од крило, но голманките имаа слаб ден. Демонстриравме брза полуконтра, содржаен напад. Блиску бевме до нерешено – вели Ристо Магдинчев, тренер на Жито Прилеп. Вратена е самодовербата. Младата екипа 60 минути се држеше со ривал, кој беше во квалификациска група за ЛШ. Чешкиот тим е силен, искусен, а предводник е 45-годи/шната голманка Ленка Черна, која одбранила над 15 пати. Очекувам возвратување на нашите голманки Јаломитеану и Наумоска. Нема да загубиме, ако го повториме изданието од саботата, со корекции – истакнува Магдинчев. Се очекува фер судење од Романките Кристина Настасе и Симона Станку.

Најсилни состави

Жито Прилеп: Јаломитеану, Наумоска, Дурланова – Павичевиќ, Т. Стојановиќ, Аџулеска, Матановиќ, Мркиќ, Петковска, Цветановска, Штериова, Когој, Кликовац, А. Стојановиќ, Илиеска, Серафимовска. Бритерм Весели: Черна, Звоничова, Бенедикова – Чмеларова, Флекова, Кочи, Сукеникова, Дротарова, Неварилова, Рајнохова, Томечкова, Краточвилова, Јандашкова, Винкларкова, Јагошова.

Играат и мажи

Лани згасна машкиот суперлигаш РК Прилеп, а годинава се појавува второлигашот РК Филип. Првенството стартува утре (17 ч.), во салата “Маркови кули” против ресенска Преспа. Тренерот Александар Танески најавува напад на првите три места, во борба со Б тимовите на Металург, Вардар и Пелистер. Втората лига брои 19 екипи.

Loading