96 Славија трејд прави молзилиште за овци

“Падна” првиот ИПАРД кредит во прилепско

Вкупното вложување е околу 5,4 милиони денари и ќе се скуси времето за молзење за најмалку четири часа дневно

Фирмата што се занимава со овчарство и сточарство во Мариово, 96 Славија трејд ќе биде првиот прилепски корисник на средства од програмата на ЕУ преку Министерството за земјоделство за изградба на молзилиште на овци. Станува збор за проект, поддржан од ЕУ, за развој на сточарството по   системот 50-50, односно 50 отсто од средствата ги обезбедува државата, односно ЕУ, а другата половина инвеститорот. Вкупното вложување е околу 5,4 милиони денари. Сопственикот на 96 Славија трејд Кирил Шајкароски вели дека е прв во земјава што инсталира технолошка линија за молзење овци. Никој друг не се “осмелил да загризи” и не располага со модерна опрема. Проектот е финализиран и одобрен. Останува да се набави опремата, која е веќе избрана за сопствени пари, од кои половината ќе му бидат вратени, откако ќе се инсталира и ќе се стави во функција. Во почетокот на јануари ќе се активира технолошката линија за брзо и ефикасно молзење на овците. Линијата ќе овоможи да се исцеди млекото од овците сосема при две дневни молзења, ќе се олесни производството и ќе се зголеми продукцијата на млеко за најмалку двојно. Досега таа постапка се прави рачно за долго време, а продуктивноста е ниска. Ќе се скуси времето за молзење за најмалку четири часа дневно на моето стадо овци од 1600 грла, стационирано во месноста Брест во Мариово. Згора на тоа, дел од проектот е насочен за систем на рано одбивање на јагнињата од овците. Јагнињата ќе се одбиваат од мајчиното млеко по 15 дена. И тоа млеко ќе се внесе во вкупното производство, а јагнињата ќе се прихрануваат со вештачко млеко, кое е поефтино. Ако годинава произведувам една канта сирење од една овца, в година треба да имам барем две ипол канти – објаснува Шајкароски. Новата линија ќе создаде шанси за зголемување и на стадото на три илјади грла, колку што фирмата засега располага со простор за сместување, но и со пасишта. Шајкароски вели дека сепака не ги “јалови” овците со две јагнења годишно, туку им го продолжува “векот” со три јагнења за две години. Покрај проширувањето на стадото од сопствените јагниња, ако излезе шанса, купувам и добри овци. Годинава купив сто грла, “готови” овци. Тоа подразбира дека се во полна млечна кондиција и подготвени за јагнење – вели сопственикот на 96 Славија трејд. Новата техника ќе ја зголеми продукцијата на млеко, а со тоа и на можноста за зголемување на асортиманот на млечни преработки. Се носам со идеја, пак преку ИПАРД програмата за околу 30-40 илјади евра, да ја проширам постојната мандра и да произведувам не само меко овчо сирење, туку да го проширам асортиманот и со кисело млеко, биено сирење и кашкавал. Тој зафат ќе го реализирам на пролет – кажува Шајкароски. Фирмата 96 Славија трејд располага и со околу 300 грла крави од сортата буша. Тие сами се одгледуваат за месо. Не се молзат, оти се диви, нескротливи. Со систем за потхранување, можно е да се исползува и нивното мало количество млеко. Мислам дека ќе успееме да ги припитомиме кравите и да се искористи и нивното малку млеко за производство на сирење, што засега не се ескплоатира. Не ќе оди лесно, но е изведливо со стручно третирање – смета Шајкароски. Неговите погледи се дека има перспектива за сточарството во Мариово и за сточарството воопшто во земјава, особено со стимулативните мерки на државата и европските фондови.

Амбиентален ресторан на Брест

Фирмата 96 Славија трејд ќе развива селски туризам со ресторан на околу 140 квадрати во мариовската архитектура во месноста Брест во Мариово. За скоро време ќе биде пуштен ресторанот граден исклучиво во камен, со фурни и други мариовски експонати. И опремата ќе биде во мариовски стил со троножци, синии… Ќе се служат исклучиво специјалитети од домашна продукција, сирење, зелници, сопствено јагнешко и телешко, тави, посни јадења и леб печен на дрво, познат на старите мариовски домаќинки.

Loading