Коцка, наместо кал

Прилепската булеварска коцка и широката празна улица со жардинери на средината не така одамна беше една од најпрекрасните централни сообрајќајници во земјава. Пред повеќе од 30 години, гранитната “калдрама” на корзото и центарот падна под налетот на асфалтната офанзива. Но, останува врската на граѓаните со коцката на Булеварот “Маршал Тито”. Сликата сведочи за едно време кога коцката и урбаното решение со липи и тротоари со цвеќиња и зелени огради била “холивудска авенија”, во споредба со браздите и раскалените сокачиња на периферијата. Скромната инвентивност на архитектите, сиромашната понуда на материјали и уште поскромните финансиски градски фондови дозволувале да се удри по прашината и блатото само со коцки. Денес се враќа модата на коцките и на гранитните и мермерните плочи. Тие сега го туркаат асфалтот во депониите, оти се смета дека овие материјали ги бидува за пешачките зони. Како и да е, татнежот на времето носи новини, но контурите од пред 50 години остануваат во срцето на градот.