10 илјади поздрави за баскет јунаците

Makedonija, Makeodnija

Цел град се израдува на победата на кошаркарската репрезентација на Македонија над домаќинот на ЕП, Литванија. Немаше, дете, возрасен, старец, кој не го извикуваше силно и гордо, како никогаш името на нашата држава. Ваква еуфорија не се памети. Околу 21,45 часот, веднаш по триумфот, центарот се преплави од народ. Реки луѓе со знамиња, труби, транспаренти, инструменти, пресреќни од историскиот подвиг. Имаше солзи радосници. Не можат да се задржат кога една мала, оспорувана земја, ги покоси фаворитите како снопје. Се славеше доцна во ноќта и по домовите. Спортот, небаре волшебно стапче, ги прегрна и здружи партиските ривали, маалците, комшиите. Сите беа една партија – Македонија. И антиспортисти станаа вљубеници во оваа игра. И најголемите песимисти ја вратија вербата дека можеме. Одиме на медал, се слушаа коментарите, а некои беа уште пооптимисти – златото е наше! Колку еден спортски подвиг значи за еден народ. Сите гигантски агенции низ суперлативи ја пренесоа веста за пласманот во полуфиналето. На ниедна не и пречеше уставното име. Не треба да се прашуваме веќе дали да вложуваме во врвниот спорт. Постигнавме осум победи. Секоја изгради барем по 10 нови коша по прилепските улици и игралишта. Децата се поистоветуваат со Мекејлеб, Антиќ, Гечевски… Се собираат нивни постери. Настаниве се најубав повод да заживее кошарката и во нашиов град, оти видовме – најдобро е на народот да му се даде, тоа што најмногу го сака.

Loading