Незадржлива во контри

Ракомет: Биљана Павичевиќ, лево крило на Жито Прилеп

Наша цел е што подалеку во Европа – вели Црногорката

На тест натпреварите и двата меча во првото коло од КПК, против литванска Гарлиава, добиени со 19-22 на гости и 37-30 дома, меѓу најефикасните е левото крило Биљана Павичевиќ. На реваншот одушеви со брзите контри и со осум гола. На секоја контра, бев на вистинско место. Се покажавме и одиме подалеку во Европа – вели Павичевиќ. Засилување е меѓу деветте нови. Дојде од Бисери Плевља. Родена е во Подгорица и тренира од дете. На 17-18 години настапував во Лигата на шампиони. Пред три години тешко го повредив коленото и две години паузирав. Бев позајмена на Бисери. Клубот нема амбиции. Требаше да се вратам во Будуќност, но не прифатив клупа. Летово се преселив овде – кажува Павичевиќ. Жито Прилеп го одбра како професионален клуб. Се тренира двапати дневно. Импресионирана сум. Немам забелешки. Одлично ме примија. Тренерот врвно ја води екипата. Напорно е, жртвуваме излегувања, но нема друго ако сакаме успех – подвлекува Биљана Павичевиќ.

Подобри од Бисери

Во Регионалната лига ривал на Жито Прилеп е довчерашниот клуб на Павичевиќ, Бисери. Ќе победиме. Можеме да се носиме со други екипи од Србија -смета Павичевиќ. Првиот меч не се знае кога ќе биде. Можно е на 21 септември дома со Заечар или една недела подоцна со Металург.

Џорџ ги гледаше “своите”

Од САД допатува сопственикот на клубот, Ѓорѓија Џорџ Атанасоски да го следи натпреварот со Литванкиите. Задоволен е. Првотимките играат со три комплети италијанска опрема, а во салата секое катче се подновува.

Црногорките навиваа за Македонија

Откако во литванска Гарлиава го совладаа домаќинот во европскиот КПК, ракометарките на Жито Прилеп отпатуваа со навивачите во Вилнус, да ја бодрат кошаркарската репрезентација во лутата пресметка со Грција. Се совпаднаа црвените дресови со сончевиот амблем. Ракометарките се покажаа во улога на навивачки. Не ги штедеа грлата и помогнаа да ја растуриме Грција со 14 разлика. Скандираа и петте Црногорки. На сликата се Тамара Стојановиќ, Билјана Павичевиќ и Даниела Матановиќ со Дијана Наумоска, а крај нив е физиотерапевтот Влатко Илиески.

Loading