Книга и монодрама за Илија Димоски- Шаторо

За 20 годишнината од независноста на Македонија, ќе биде промовирана книга и ќе биде прикажана монодрама за Илија Димоски – Шаторо, првиот градоначалник на Прилеп по осамостојувањето. Книгата “Јас Илија Димоски – Шаторо” од авторот Петар Петрески ќе биде обелоденета во вторник од 19 часот во Библиотеката “Борка Талески”. Книжевно се обликува и отплеткува животната приказна, особено на политичкиот сегмент на првиот претседател на собранието на Прилеп, Илија Димоски. Димоски е специфична човечка и политичка индивидуалност, човек кој со помош на својата вродена остроумност, политичка широчина и човечка простодушност, успеал од кондуктер да се искачи до позицијата Претседател на Прилеп. Тој е уникатен. Можете да го сакате, да го мразите и да направите комбинација од тие две нешта. Но, едно апсолутно не можете – да го игнорирате, оти нема да ви дозволи. Експерименталниот книжевен колаж е биографскиот запис со надополнување на фактографски податоци и фотографии. Преку главниот лик го претставиме духот на автентичниот прилепчанец, карактерот, неговите доблести, а преку него и колективниот дух на Прилеп, онаков каков што е: неповторлив и неспоредлив – вели авторот Петар Петрески. Во сабота на 10 септември, во театарот премиерно ќе биде прикажана монодрамата “Јас Илија Димоски – Шаторо” во изведба на актерот Трајче Иваноски. Режисер е Игор Трпчески, музичките ефекти се на Томе Темелковски, видео монтажата на Зоран Пилоски, а автор на плакатот е Бојана Артиновска.

Loading