Дајте му гол на “Италијанецот”!

Фудбал: Идната сабота ново дерби, 11 Октомври – Работнички

– Меѓу гостинските стативи е идниот член на Удинезе, Димитриевски

Пред разиграниот 11 Октомври прв со 4-0 настрада тетовски Тетекс, а втор на ред може да биде фаворитот скопски Работнички. Дербито е идната сабота, 10 септември, во 15, 30 часот, на стадионот “Гоце Делчев”. Од сега погледите се свртени кон важниот меч. Доаѓа звучен ривал и емоциите избиваат. Работнички има квалитет, не случајно беше на европска сцена. Добро ќе се подготвиме во паузата да парираме на скопјаните – вели Трајче Илиоски, тренерот на 11 Октомври. Работнички стана хит со подвигот над кипарски Анартозис. Има познати играчи, но сите останаа во сенка на најмладиот, 17-годишен голман Столе Димитриевски. Го проценија за европски талент, први го открија Италијанците, така што од декември станува нов член на Удинезе. Како да му се даде гол? Ривалот го цениме, а себе си не се потценуваме. Храбро и не сме без шанси. Ги прокоцкувавме и немавме среќа првите четири меча. На петтиот тргнавме многу подобро. Ќе се тресе мрежата на Работнички – истакнува Илиоски. Првиот триумф со Тетекс ја врати самодовербата. Планот е брз приклучок кон средината на табелата, а до таму се стасува со успешна серија. Како се редеа поразите, така треба и победите. Полесно е пред полни трибини Играме за публиката, 12-от играч. Нé не напушти во најтешкото. Со чесна игра ќе се оддолжиме. Во убав амбиент го поразуваме Работнички – подвлекува Трајче Илиоски. На дно со три бода е 11 Октомври, а четврти со осум е Работнички.

Најсилни состави

11 ОКТОМВРИ: Коруновски – Димитриоски, Данилов, Ф. Мирчески, Рутевски – Кулески, Петрески, Велјановски, Ацески – Мојсовски, Гешоски. Тренер: Т. Илиоски.

РАБОТНИЧКИ: Димитриевски – Глигоров, Богдановиќ, Ќумбев, Лазаревски – Петровиќ, Д. Велкоски, Тодоровски, Муарем – Маневски, К. Велкоски. Тренер: Г. Петрески.

Двајца репрезентативци

Од 11 Октомври за младата репрезентација до 17 години, настапи Јорданчо Наумоски, а за селекцијата до 19, Ицко Јанкоски. Успешно беа пријателските со Босна, Албанија и Бугарија. Стрелец на еден гол беше Јанкоски.

Loading