Магдинчев бара две победи

Ракомет: Жито Прилеп на дуели во КПК со Литванките

Тежнееме кон триумф

В сабота (13 ч.) почнува сезоната за женскиот суперлигаш, Жито Прилеп. Мечот од 1. коло на европскиот КПК, е кај Гарлиава во Литванија. Противникот е непознат и нема што да се подготвува на тактички план. Прилепчанките зависат од својата игра. Нема информации, само површни од интернет. Двете Литванки од грчки Орми Патрас оценија дека не треба да имаме проблем, оти екипата била млада, а реваншот е предност. Не се залетуваме, млада не значи слаба. Максимално сериозно -претпазлив е Ристо Магдинчев, тренерот на Жито Прилеп. Целта е пласман во 2. коло. Сеедно е дали со една или со две победи, важно е да се оди европскиот пат. Во таборот размислуваат само за триумф и брзо решавање на амбициите. Во овие дуели е достижен и пораз од пет гола на реваншот. Така не се размислува. И на гости, тежнееме кон триумф. Добро е сé да се заврши на првиот меч -порачува Магдинчев. За Гарлиава отпатуваа: Јаломитеану, Наумоска, Павичевиќ, Т. Стојановиќ, А. Стојановиќ, Петковска, Матановиќ, Аџулеска, Кликовац, Штерјова, Цветановска, Когој, Илиеска, Серафимовска и Мркиќ, првотимките кои се подготвуваа 35 дена, низ 12 теста. Играта беше поважна од резултатите. Не беше лесно, за кусо време да се воиграат девет засилувања во младиот тим.

Високи ривалки

Квалитетни или не, не се знае за Литванките, но се високи. Доминира бекот Дајва Бутенаите со 187 сантиметри. Не изненадува податокот, бидејќи се кошаркарска нација. Клубот коректно го најави утрешниот меч со плакат, каде пишува Жито Прилеп (Македонија).

Реваншот на 10 септември

Возвратниот меч на Жито Прилеп со Гарлиава е во сабота, 10 септември, седум дена по утрешниот. Закажан е во салата “Сонце” во 19 часот. Се очекува, спектакл со над две илјади гледачи. Судијките утре се од Полска, на реваншот од Бугарија

Loading