Победете го Тетекс!

Фудбал: Со нов тренер во прва победа на 11 Октомври

Не се плашиме од никого, најмалку од тетовци вели Трајче Илиоски

По оставката на Николче Здравески, местото шеф на Стручниот штаб на 11 Октомври е за досегашниот помошник, Трајче Илиоски. Првиот негов предизвик е во вторник (16, 30 ч.) на стадионот “Гоце Делчев”, со Тетекс. Ривалот е осми, со пет бода, наспроти домаќинот на дното без бод. Не се плашиме од никого, најмалку од тетовци. Ги респектираме противникот, колку што треба. И кај нив не цветаат рози. Имаме шанса за прва победа и три бода -отворен е Илиоски. Тој ја носи задачата на плеќи да го продолжи тешкиот прволигашки пат, по четирите стартни пораза, дома од Вардар и Металург по 0-1, на гости од Шкендија 0-3 и во саботата од Хоризонт Турново со 0-1. Смета дека решливи се причините за неуспесите. Имавме тежок распоред. Ждрепката донесе ривали, кандидати за титулата, во прв ред Вардар, Шкендија и Металург. Од друга страна, и среќата го сврти грбот. Не заслуживме нула во салдото -вели Илиоски. Колку и да се одговорни тренерите, вината мора да се бара и кај играчите. Публиката се лути на грешките што се повторуваат. Некои поединци не чувствуваат критики. Го зедоа клубот на душа со пропусти и незалагање, како да се во општински ранг. Сите не се во ист кош. Поразите и местото на табелата не се реална слика. Располагаме со фудбалери, докажани во прволигашка конкуренција. Квалитет сигурно постои и треба да веруваме во овој 11 Октомври -смета Илиоски. Во Стручниот штаб останува празно местото асистент, покрај тренерот на голманите, Круме Митрикески. Пополнувањето ќе биде после проектот Тетекс.

Мечот е во вторник

Натпреварот 11 Октомври -Тетекс наместо в сабота, се игра во вторник. Причина се отсуствата викендов на неколку млади репрезентативци од двете страни. Во младата до 16 години е повикан играчот за врска, Јорданчо Наумоски, а во младата до 19 напаѓачот Ицко Јанкоски.

Идат нови играчи

За дуелот со Тетекс, се чекаат промени на концептуален и тактички план. Секој тренер со своја филозофија. Се очекуваат новини во поставата.

-Пред врата се нови играчи, но имаме административни пречки. Ако бргу ги регистрираме, навивачите ќе ги видат на дуелот со тетовци -најавуваат од клубот.

Комплет состави

11 ОКТОМВРИ: Коруновски -Обрадовиќ, Ф. Мирчески, Данилов, Спиркоски -Кулески, Петрески, Дунимаглоски, Ацески -Марковски, Гешоски. Тренер: Т. Илиоски.

ТЕТЕКС: Павловиќ -Д. Наумовски, Ѓорѓевски, Ристовски, Секуловски -Брњарчевски, Алији, Урошевиќ, Столевски -Клечкароски, А. Стојановски. Тренер: Д. Сетинов.

Loading