Пици, лазањи, море и забава во Италија во мало

– Долги песочни плажи

– Градови кои пленат со историја

Италија е земја со добра храна – вкусни пици, лазањи, но и со песочни плажи, како и преубави градови со долга историја и градби, кои пленат со својата убавина и раскош. “Чизмата” е земја на љубов и страст. Не се кријат воодушевувањата на посетителите.

Римини -туристичка дестинација

Римини е град на брегот на Јадранското Море. Познат е по туризмот со 140 илјади жители, кои љубезно пречекуваат милиони гости. Градот плени со убавина, со долгите песочни плажи. Привлечноста на Римини ја прават и реките Ауса, Марано, Марацхиа, која завршува во голем парк. Градот е не само туристичка дестинација, туку и вистинска крстосница. Не се одолева на убавината на плажите, импресивните казина, огромните сали и благата клима која им годи на туристите. Ноќите се возбудливи. Атрактивни забави се приредуваат во бројните барови, ресторани, во кои може да се проба вкусна италијанска храна. Грев е да се појде во Италија и да не се пробаат пастите, лазањите и пиците. Но, италијанските кулинарски мајстори се умешни и во подготовките на рибни специјалите и други морски плодови. Приказната за градот датира од камената епоха. Позначајно урбано место Римини станало во времето на Римската империја. Го населиле и Келтите, кои оставиле големо културно наследство. Градот израснал во едно од најголемите пристаништа на Јадранот. Затоа го привлекол вниманието и на многу цареви. Август и Адријан изградиле престижни објекти како што се мостот Понте де Тиберио, Лакот на Октавијан Август. Треба да се види Малатеста храмот, изграден од камења, Музејот, плоштадот Тре Мартири… Подоцна биле изградени цркви, манастири. Од големо значење е црквата Сан Мишелин. Она што секако секој турист мора да дознае е дека Леонардо да Винчи доаѓал во Римини, како инженер и советник на Чезаре Боргиа. Бил воодушевен од веселиот звук на водата и од прекрасните фонтани, па конструирал инструмент, кој сега се чува во музеј. Мека за забава и предизвик на пријатни чувства е Римини. Кога туристите ќе заминат, пак сакаат да се вратат, дури и да го посетат залепениот мал монденски град Ричоне, во кој животот пулсира 24 часа.

Фиренца и Равена – градови на културата и уметноста

Фиренца е во средна Италија. Распослана е на двата брега на реката Арно, а живеат над 360 илјади жители. Заради културното и уметничкото значење се нарекува и “Италијанска Атина”. Има богата историја која го плени секој посетител. Па, иако од Римини е одалечен, над 200 километри, се наоѓа време за посета. Агенциите нудат аранжмани за целодневна визита на Фиренца и запознавање со културното наследство.            Има богата историја, но најзначајно е дека градот се наметнал како центар на европската култура и уметност во 14 и 15 век. На полно уметници и учени луѓе, Фиренца им била живеалиште и инспирација за создавање уметнички дела во ренесансата. Такви се Донатело, Ботичели, Микеланџело, Макијавели, Леонардо да Винчи, Галилео Галилеј. Фиренца била центар на производство, занаетчиство и трговија. Богатата фамилија Медичи стекнала голема моќ. Привлекле многу уметници и научници, додека владеела. Новиот развој градот го имал во 19 век под влијание на индустриската револуција. Не се “прескокнуваат” во Фиренца Катедралата со камбаната, Палатата и музејот Уфицио, Палатите Пити, Векио, Нептуновата фонтана, Мостот Понто Векио. Сé е во квадрат. И да сакаш, не можеш да се изгубиш. Тесните улички, со интересни фасади водат од еден до друг споменик. Плени мостот Понто Векио, на кој се начичкале многу туристи кои говорат различни јазици и им предизвикува воздившки. Оти интересно е како едно старо здание е претворено во модерен објект, преку кој се стасува до куќата каде творел Достоевски и палатата Пити, во која убавите фонтани мамат погледи. Во еден ден не се гледа Фиренца. Потребни се неколку, затоа што има што да предизвика внимание. Кога завршува обиколката пред споменикот на Данте и на широкиот плоштад, тогаш се вели, “многу видов, ама малку знам,, за градот на уметноста. Се посакува нова средба. А времето е безмилосно. Часовите се броени. Се враќаме пак во Римини. Нова дестинација за македонската група туристи е Равена – градот на убави цркви и мозаици. Се стигнува со воз за 50 минути. Запознавањето со овој вид превоз потврдува дека Италија посветува големо внимание. Најдобар пример за раната византиска уметност од времето на царот Јустинијан се распосланите неколку цркви од византиски период. Дел од спомениците се оставина под заштита на УНЕСКО. Градот е доста сличен со нашиот. Дури и продавниците имаа исто работно време. Отворени утрото во осум, затворени напладне и повторно отворање попладне од 17 до 20 часот. Да појдеш во Равена, а да не го посетиш гробот на Данте, или пак националниот музеј каде е изложено богатството од мозаици е вистински пропуст. Од железничката станица, патот под нозе, што се вели, и во обиколка. Попатно и шопинг на некој сувенир за спомен и долго сеќавање.

Сан Марино – најмала држава во светот

Во непосредна близина на Римини, на само десетина километри е најмалата држава во светот Сан Марино. Иако е целосно опколена со италијанска територија и е без излез на море, сепак е независна. Мала ама богата. На 61 квадратен километар живеат околу 30 илјади жители. Сан Марино е најстара независна уставна република во светот. Независноста започнала со основање на манастирската заедница предводена од Свети Марин во 301 година, кој го напуштил Раб, тогашна римска покраина на Арба. Уставот на Сан Марино е усвоен во 1600 година и е најстар. За време на раната фаза на италијанското обединување во 19 век, Сан Марино служел како место за бегалци, протерувани поради нивните залагања за обединување на Италија. Така, Џузепе Гарибалди ја прифатил желбата на Сан Марино да не биде дел од обединета Италија. Исто така, Наполеон Бонапарта одбил да го преземе Сан Марино и кога го прашале, зошто не го окупирал, тој одговорил – “ Тоа е модел на република”. Интересно е што Владата го прогласила за почесен граѓанин американскиот претседател Абрахам Линколн. Во Сан Марино се е подредено на туризмот. Луѓето живеат од туризам, но и од производство на квалитетни вина и ликери. Запознавањето со градот е неколку часови прошетка низ тесните улички, кои многу потсетуваат на Мостар и Дубровник. Секој добронамерник ќе се воодушеви од Трите кули на врвот Титано, добро зачувани – Гваито, Кеста и Монтале, од Парламентот. Таму е единствената шанса за шопинг без данок. Цените во Сан Марино се далеку пониски од соседните италијански градови. Па Сан Марино им е неизбежна дестинација на туристите кои сакаат да купуваат. Плени Италија со културата, традицијата, храната… Никогаш не í вели “збогум” и никогаш не се доволни навраќањата, зашто секоја нова прошетка, е друго, недоживеано запознавање.

Loading