Жито Прилеп подмладен, а посилен

Ракомет: Првите впечатоци мошне поволни

Просекот од 21 година дава основа, перспектива за градење на тимот

Екипата на Жито Прилеп одигра два силни пријателски меча со романската Четате Дева, во арената “Сонце”. Впечатоците за новиот тим се поволни, покрај тесните порази од 27-30 и 22-24. Во составот беа 16 првотимки. Почетна постава: голман Јаломитеану, десно крило Т. Стојановиќ, лево Павичевиќ, плеј-мејкер Цветановска, десен бек Кликовац, лев Петковска, пивот А. Стојановиќ. На вториот бранеше Наумоска, со резерва Дурланова, десни крила Т. Стојановиќ и Аџулеска, лево Матановиќ, бековска линија Когој, Штериова, Мркиќ, пивоти Илиеска и Серафимовска. Голманките имаа по 12 одбрани, на првиот најефикасна Павичевиќ со седум гола, на вториот Штериова со пет. Задоволен сум. Сите играат. Не кусо по 15 минути, туку по 30 и 60, време доволно да покажат вистинска слика. И оптоварени со кондициски тренинзи, имаме сила барем за 40 минути. Концентрацијата се губи во финишот, со грешни додавања, промашувања зицери, но толерираме. Од меч во меч ќе сме подобро – вели Ристо Магдинчев, тренерот. Се подигнува нивото на играта, споредено со лани. Секој напад има идеја, после две – три години првпат се комбинира и со пивот. Се разбива противничката одбрана и се отвора простор за шут на бековите или проигрување со крилата. Придобивка е квантитетот. Која да влезе од клупата, нема пад, тимот продолжува во ист ритам. Полесно е со две постави, покриени на сите позиции. Не е лошо да земеме десен бек левучар. Се понуди од Романка, но неизвесно е. Независно, , имаме млад кадар во просек од 21 година, квалитет и основа за посилен тим – смета Магдинчев. Претседателот Оливер Деркоски, потпретседателот Звонко Јанков, директорот Горан Јанков и секретарот Дарко Димовски велата дека се исплатеа “инвестициите” – шест нови странци, три домашни, и задржани се седум досегашни првотимки. Ќе прашате зошто толку од страна, ако во минатото ретко доаѓале. Ако сакаме мечеви со силни екипи, нема друг избор, освен засилувања. Не се откажуваме од своите. Имаме четири прилепчанки. Со упорност во младинските школи, во иднина ќе бидат побројни домашните првотимки – убеден е претседателот Деркоски. Управата ги следи барањата на стратегот. Клубот има сала, термини колку и кога сака, хотел, ресторан и друга инфраструктура. Овозможени беа подготовки во Маврово, од петок е преселбата во Врњачка бања, Србија. Опремата не е проблем. Од Италија, стасуваат три комплета дресови, тренерки, шушкавци во црвена, жолта и црвено – бела боја. Расте клубот за високо ниво на натпреварување. Регионалната лига нé тера да отстрануваме пропусти. Сега се три земји, Македонија, Црна Гора, Србија, а в година се придодава и Романија. Во средата и вчера беа тестовите со грчкиот Орми Патрас, денеска се патува во Србија на седум меча во пресрет на 3, септември и гостувањето во КПК на Гарлиава во Литванија.

Влезниците 50 денари

ЖРК Жито Прилеп одлучи цената на влезниците за Регионалната лига да биде популарна – 50 денари. Земени се предвид сите околности, во интерес на гледачите. Најниско е нивото да може да плати секој љубител на ракометот. Салата ќе биде полна секој меч – вели Деркоски.

Доаѓа Светлана Китиќ

Прилепчани благодарение на Регионалната лига и Жито Прилеп, ќе можат да видат многу познати, прочуени имиња. Една е Светлана Китиќ, порано Дашиќ и Слишковиќ, прогласувана за најдобра ракометарка на 20 век. Тренер е на Раднички од Белград, ривал во првенството на Ж. Прилеп. Сезоната стартува на 14 септември, дома со Заечар.

Руски спонзор

Жито Прилеп станува привлечен за спонзорите. Неколку фирми влегоа, а најнова е од Русија. Се работи за синџирот спортски обложувалници “Бет-сити”, присутен во земјава. Втора странска фирма е италијанската “Капа”.

Loading