Прага на прагот

Доминира замок со дворец од 9 век, основан од принцот Боривој

На прв поглед Прага е многу допадлив град. Не ја викаат бадијала “мајка на сите градови”, “град со 100 кули”, иако ги има само пет, или “златен град”. Изненадувачка е богата со архитектура од романика до готика и функционализам. Во главниот град на Чешка егзистираат заедно мноштво различни форми на архитектонски изрази. Изградена е на седум ридови и пресечена е со кривулестата река Влтава. Една легенда зборува за името Всушност, со градот Вишехрадом владеела принцезата Либуша. Со растот на земјата, се имало потреба за нов град. Поданиците ја запрашале принцезата каде да го изградат. Таа им предложила – “Таму каде четирите елементи, плодната земја, здравиот воздух, доволно шума за огрев и чистата вода, се во согласност”. Откако принцезата и принцот се искачиле на највисоката точка на Вишехрад, принцезата при заоѓањето на сонцето ја испружила раката кон исток, во насока на густите шуми и рекла: “Гледам висок дворец, чија слава ќе достигне до ѕвездите. Во густата шума има човек кој го прави прагот на својата куќа. На тоа место подигнете дворец и именувајте го по прагот што човекот го изработува – Прага”.

“Нова уметност” на Новиот град

Прва цел е Новиот град. Значење добил во 19 век, кога се поврзал со Стариот град и кога се изградиле низа јавни и станбени градби во стилот на “новата уметност”. Централниот дел се вика “Златен крст”. Претставува елитна населба, а најинтересните места се Вишехрад, Емаус е манастир со Богородична црква, Национален музеј, Градското собрание на Новиот град, комплекс згради во готски стил од 14 и 15 век, реконструирани во 16 век во ренесансен стил. Нови освојувања се постигнуваат во прашкиот замок. Дворец од 9 век, е основан од принцот Боривој во 880 г. Прва била Богородичната црква. Од 10 век, прашкиот замок не е само седиште на властите, принцовите, а подоцна и на кралевите, туку е и седиште на црквената власт – Прашката бискупија. Основан е и првиот чешки манастир. Во 14 век, при најголемиот напредок на владеењето на кралот Карло 4, а потоа и цар на Светото римско царство, замокот е проширен, особено по уништувачкиот пожар. После создавањето на Чехословачка, дворецот станал седиште на власта, а реконструирани се ентериерот и градините. Денес замокот е седиште на претседателот на Чешка. Во Храдчан се манастирот на Св. Џорџ, од 973 г., катедралата на Св. Вид, градена во целиот 14 век во интернационална готика. Во криптите се гробовите на најпознатиот крал Карл 4 и австрискиот император Рудолф 2 Хабсбуршки. Капелата на Св. Венцислав е посебна архитектонска целина со ѕидови прекриени со скапоцени камења и фрески. Франц Кафка запишал дека Златната улица е низ куќите од 16 век, меѓу тврдините во готски стил. Името го добила по алхемичарот и златар од времето на Рудолф 2 Хабзбуршки, кој живеел во куќата со број 22. Далиборската кула е дел од тврдината во функција на затвор. Таму е Барутната кула – Михулка. Галеријата на замокот е на место на некогашната коњушница. Пронајдени се многу слики од Тицијан Рубенс од времето на кралот Рудолф 2. Тука е палатата Лобкович, која и денес е сопственост на Лобкович, а располага со богата колекција слики на Каналет, Бројгел, Веласкез и музички инструменти. Таму е и кралската градина со сала за танцување (Мичовна), кралскиот летниковец на Св. Ана. Чернинската палата е изградена во раниот барок. Сега е седиште на Министерството за надворешни работи. Во тој комплекс е и црковната градба Лорета и таканареченото “Прашко сонце”. Тоа е лустер со шест илјади дијаманти. Библиотека со вредни ракописи има во Страховскиот манастир. Сместено е Евангелието од 10 век. Прекрасен поглед на Прага се нуди од Храдчан.

“Прашкото дете Исус”

Оттаму се влегова во Мал град. Со убаво обоените куќи од циглички, улицата потсетува на бајките. Во овој дел се црквите Св. Никола, Дева Марија победничка, позната по восочната фигура на “Прашкото дете Исус”. Таму се Кулата на Малиот град, Ледебуршката градина, Петринската кула, која е копија на Ајфеловата кула, само со 60 м., Петринскиот лавиринт со огледала, Кампа, островот под Карловиот мост, Валденштајнската градина со малото езеро, Карловиот мост најстариот прашки мост, изграден 1357 година, со 30 статуи на светци на познати вајари. На едниот крај од мостот е Големата кула на Стариот град, а на другиот има две кули. Со преминување на Карловиот мост, се доаѓа во Стариот град, кој е полн со историја, покрај убавината на средновековните куќи. Привлекуваат Кулата на Стариот град, која е капија меѓу Стариот град и Карловиот мост. Таа е една од најубавите европски кули во готски стил. Потоа, Плочникот Република, Галеријата Витешки ред со антиквитети од ризницата на Витешкиот ред на Крстоносците со црвена ѕвезда, Клементинумот, поранешната Језуитска школа, Градското собрание, подигнато на урнатините на стариот кралски двор, Каролинум, зградата на прашкиот универзитет од 1348 г., Бетлехемската капела на познатиот реформатор Јан Хус. Во Стариот град е Јозефовиот, прочуениот еврејски град – прашкото гето. Тоа е населбата на еврејски трговци, долго одвоена од градот заради прогонот на евреите. Староградскиот пазар е изграден во 12 век. Покрај старото градско собрание е и куќата “кај каменото ѕвоно” и споменикот на Јан Хус. Во тинскиот кварт е палатата Рудолфинум за прашката филхармонија од 19 век во електизам стил. Атрактивен е астрономскиот часовник од 1410 г. Секој час толпа луѓе чекаат да ги видат фигурите на кои се менуваат. Часовникот не е само со фигури на апостоли, костури и лесноумници, туку ги покажува годините, месеците, деновите и часовите, изгревањето и залезот на сонцето и на месечината. Околу староградскиот плоштад, сувенири на сите страни – книги, чешко стакло, кригли, слики и други обележја на Прага. Убаво е да се види Прага ноќе со крстосување по Влтава со бродот само 500 м. горе – долу. Впечатлива е оваа перспектива, бидејќи многу има живописни делови се покрај реката, како прашката Венеција, која се препознава по ракавецот на Цертовка река и интересните куќички. Преку Влтава преминуваат 18 мостови од кои најпознат е Карловиот мост. Нема грижа за пивница. Ги има на секој чекор во карактеристичен чешки стил и шмект со одлично пиво. Се препорачува чешко црно, кое е поефтино од сок. Во рестораните се препорачува коленица. Една порција е колку за двајца, ако некој нема енормен апетит. Традиција е со сметката да се остава бакшиш. Малку се три дена да се види преубавиот “Златен град” – Прага во обиколка пешки, со автобус, трамвај или со метро.

Се слави палеж на вештерките

На 30 април, Прага негува паганскиот обичај на палење на вештерки. Вечерта се гледа како се пали оган и се запалуваат вештерките на тревнатите површини. На 1 мај е традиционалната изложба на олдтајмери.

Бос дома

Некој новинар запишал за обичаите на пражаните дека не знае друг народ, кој и на погреб, доколку те повика во својата куќа, пред станот треба да ги соблечеш чевлите. Необичниот чин има симболика. Со чевлите пред прагот, се остава нечистотијата од надворешниот свет и во куќата се влегува со чисто срце.

Прашки “коњ”

И тие имаат свој “коњ”. Тоа е споменикот на принцот Венцеслав 1, на Венцеславовиот пазар во срцето на чешката престолнина. Принцот се смета за заштитник на нацијата.

Loading