Чесна игра ја врзува публиката за 11 Октомври

Фудбал: Полни трибини и покрај трите пораза

Тимот е на второ место, со вкупно 14 илјади гледачи

Навивачите не го напуштаат 11 Октомври, наспроти трите пораза дома од Вардар и Металург (двапати 0-1), на гости од Шкендија (0-3). Многумина се чудат! Очекуваа празни редови, но на дербито со Металург пак стадионот беше за милина. И амбиент, и публика за “десетка”. Што ги влече навивачите? Се проценува дека е достоинствената и чесна игра, покрај поразите. Борбеноста е докрај со посилните. Малку недостасуваше да се земат бодови. Од Вардар примен сомнителен гол, под Шара пенал и два црвени картони, Металург даде гол во последните секунди. Медиумите водат статистика. 11 Октомври е втор на табелата, по бројот на гледачите. На три меча се собраа 14 илјади гледачи. Повеќе има само Вардар, но и тој благодарение на гостувањето пред 5000 во Прилеп. Од Металург изјавуваа дека под Маркови кули биле на спектакл, без ралика дали порано била Победа, а сега 11 Октомври. Како би било ако прилепскиот тим се бори за врвот? Ако сега се ближи кон 5000, тогаш ќе има над десет илјади. Но, има време и надеж дека ќе се поправи играта и пред се резултатите. Во таа насока е брзата, правовремена реакција на управата и стручниот штаб. Преземени се итни мерки за консолидација, а тоа секако значи доведување нови играчи. Кај покажаните слабости, ќе има засилувања. Многу брзо, денеска или најдоцна утре ќе се знаат имињата, епилог на преговорите со неколку искусни фудбалери. Разговорите беа плодни. Блиску сме до ангажирање квалитетен играч за врска. Со него е речиси готово. Пред целта сме за докажан напаѓач. За скоро ќе има деталите – најавуваат од ФК 11 Октомври. Резултатите налагаат нови решенија. Не се работи за нарушена атмосфера и незадоволство. Нужноста дојде по сплет несреќни околности. Сé како да се сврти против. Ждрепката донесе три најтешки ривали во серија, а судиите дополнија штета од два црвени картона за стоперот Владо Данилов и капитенот од средниот ред, Дејан Кулески. Згора, повредени се плејмејкерот Тони Мегленски и левиот бек, Благојче Рутевски. Концептот беше добро осмислен, но се јавија измени. Летово се задржаа 99 отсто од ланските првотимци, а доведени беа четворица нови, бранителот Јовица Обрадовиќ (Србија), напаѓачот Благојче Марковски (Вардар), играчите за врска Александар Велјановски (Пелистер) и Ѓорѓи Мојсов (Вардар). Супер квалитетот на Мојсов ќе беше во ефект со мајсторите како Мегленски, Новче Ацески, Кулески… Планот се наруши, откако Мојсов продолжи на печалба во Металац од Горни Милановац. Но, гледаме напред, оти има поправен. Тимот треба допрва да ја докаже вредноста – истакнуваат од ФК 11 Октомври.

Утре во Турново

В сабота, во рамките на 4. прволигашко коло, 11 Октомври му оди на Хоризонт во Турново. Претстои тежок меч, но возможен е успех. Ред е да се насмевме среќата. Хоризонт не е непобедлив. Минатото коло дома загуби 0-1 од Тетекс.

Службено во Купот

Без борба помина 1/16 финалето од Купот, за 11 Октомври. Домашниот Карбинци во Штип откажа и се чека наредната ждрепка. Мечот ги исчисти картоните на Данилов и Кулески.

Loading