ПУБЛИКАТА БАРА ПОБЕДА ОД 11 ОКТОМВРИ

Фудбал: Трет обид за прволигашки бодови

В сабота гостува фаворитот Металург

Екипата на 11 Октомври двапати загуби на стартот од прволигашкото првенство, дома од Вардар (0-1) и на гости во Тетово од шампионот Шкендија (0-3). Ако има логика, доаѓа трета – среќа. В сабота (16, 30 ч.), на стадионот “Гоце Делчев” е ново дерби со фаворитот Металург. Распоредот носи трет тежок ривал, но домашниот терен мора да се искористи. Публиката верува во избраниците на Николче Здравески. Сигурно ќе ги исполни трибините, со навивање да побара прва првенствена победа. Домашниот состав треба да покаже оти имале основа прогнозите на стручњаците дека тимот е доволно силен за горниот дел од табелата. Аргументи се организацијата на клубот, без проблем освоеното прво второлигашко место, задржаниот “костур” и квалитетните подготовки со шесте контроли без пораз. Првите две средби покажаа слабости во сите линии. Одбраната прими прилично ефтини, четири голови. Средниот ред не владееше со топката, не успевајќи да наметне игра над противникот. Ветувачкиот напад – ништо не постигна гол. Проблеми се повредата на Благојче Рутевски, црвените картони на Владо Данилов и капитенот Дејан Кулески. Се пробаат алтернативи со рокади странично на Денис Димитриоски – Александар Велјановски, а в средина Бобан Крстески и Столе Дунимаглоски. Сепак, нема место за паника, туку преземање мерки за брза консолидација. Само еден меч може да врати сé на колосек, а тоа е победата над “надуените” од Металург.

Силни состави

11 ОКТОМВРИ: Коруновски – Велјановски, Димитриоски, Ф. Мирчески, Крстески – Петрески, Дунимаглоски, Ацески, И. Мирчески – Марковски, Гешоски. Тренер: Н. Здравески. МЕТАЛУРГ: Павловиќ – Ѓорѓиевски, Драговиќ, Кралевски, Петковски –  Љамчевски, Крстев, Стевановиќ, Захариевски – Ејупи, Б. Илијоски. Тренер: Ж. Тасевски.

Лани го надигравме Металург

Пред една година се одиграа два куп меча од осминафиналето на Купот, помеѓу 11 Октомври и Металург. Иако второлигаш, прилепскиот тим беше подобар и заслужи пласман натаму. Но, на пенали беше елиминиран. Добро се одигра на првиот меч, кога победи со 1-0, со голот во првата минута на Владимир Мојсовски. Епилогот звучно одекна во јавноста, бидејќи падна големиот фаворит.

Доаѓаат јунаците од Софија

Металург доаѓа како фаворит со двете првенствени победи дома над Тетекс (2-0) и Турново (1-0). Тимот достојно се претстави во квалификациите за Лигата на Европа. Со бугарскиот Локомотив во Скопје одигра 0-0, во Софија загуби во последните секунди со 3-2. Металург претендира на домашната титула, а според тренерот Жикица Тасевски една од најголемите пречки на патот е 11 Октомври.

Loading