ПРВПАТ ВТОРОЛИГАШИ ДОМА

Победа јуниор – Еуромилк

В недела (16, 30 ч.) на стадионот “Гоце Делчев” на второлигашка сцена дебитира Победа јуниор против скопски Еуромилк. Првиот меч на гости беше загубен минимално со 1-2 од фаворитот Тиквеш во Кавадарци, а задутре е можност за рехабилитација. Во составот на Кире Овезоски се држи на ниво оптимизмот. Имавме водство со голот на Александар Зојчески, добро прво и лошо второ полувреме. В недела сме комплетни со оздравените Даниел Талески и Горан Колчакоски. Одиме на првите бодови -вели Овезоски. Гостинот е познат. На пријателската даде отпор во поразот со 1-2. Потврда за моќта е премиерниот триумф со 2-3 на гости кај Охрид лоте. Силен ривал за младиот тим. Ни треба поддршка од трибините -истакнува Овезоски. За Победа јуниор брани Дејан Апостоловски, од новите звучно име е Стефан Иваноски, а капитен е Христијан Петрески -Кико.

Loading