СОГРАЃАНИН ЌЕ СЕ УДАВЕЛ ВО ВИЗБА

Ридот во потоп

Комисиите ги проценуваат штетите

Заменик министерот за земјоделство Зоран Коњановски најави ублажување на последиците

Прилепчанецот Јордан Гуцески ќе се удавел во визбата и одвај куртулил, кога нагло му се наполнила визбата на улицата “Мачкин Камен” од невремето, што ја погоди населбата Рид пред неколку дена. Друг сограѓанин се жалеше дека малку недостасувало да му се урни куќата од водата која се прелеала низ ѕидот во дневната соба од визбата кај комшиите. Чона Ризеска пренесува, небаре сцена од невремиња од тропските предели, кога паркираниот автомобил од комшијата го подзела стихијата и го носела дваесетина метри по улицата “Вера Циривири”, додека сите соседи се бореле со стихијата по домовите и беспомошно гледале како да спасат што може да се спаси. Надојдените води од планината Селечка го поткопале темелот на потпорниот ѕид, кој се урнал на паркиран автомобил на улицата “Мечкин камен”. Ова се само дел до стотиците непријатни приказни на прилепчани од населбата Рид, кои за еден час преживеаја вистински потоп. Сé пред себе носеа надојдените води од поројниот дожд, град, ветер и грмотевици. Луњата раскопа улици, крена асфалт, ја поткопа и канализацијата и водоводнатата мрежа. Невремето срамни со земјата неколку десетици хектари под тутун. Заменик министерот за земјоделие Зоран Коњановски очекува брзо проценување на штетите. Саше Николоски, директор на ЈП Водовод и канализација, изјави дека интервенирале со десетина пумпи во 150 семејства. Санирани се дефектите на водоводната и канализациската мрежа. Исчистени се нариганите шахти со наноси од песок и чакал. Ако има потреба, продолжуваме со интервенциите за поплавените граѓани – рече Николоски. Прилепчанецот Јордан Гуцески ќе се удавел на скалите од визбата. Падна потпорниот ѕид на улицата, а водата ја турна вратата од дворот и нагло влезе во визбата. Се чудев како да ја спасам бочвата со вино. Наеднаш бран вода ме турна во подрумот, кој се наполни речиси до таванот. Одвај куртулив. Цел ноќ вадевме вода со пумпа. Добро е државата да помогне за ублажување на последиците – вели Гуцески. Комшијата Борче Вандески вели дека потпорниот ѕид на улицата се урнал и за малку ќе настрадале во обид да ја насочат водата во канализацијата. Уништено е сé што печалев 25 години. Куќата беше во еден метар тиња. Уште сме под стрес. Локалните власти да ги санираат последиците и на улицата – изјави Вандески. Чона Ризеска вели дека не видела посилно невреме, кога водата може и автомобили да носи. Паркиран автомобил го однесе водата по улицата. Веројатно стихијата намали и гумите фатија здраво тло, автомобилот да застани – вели Ризеска. Заменик министерот рече дека централната комисија ќе ги разгледа извештаите, по констатирањето на штетите. Владата ќе одлучи како и на кој начин ќе помогне. Ќе им се помогне и на земјоделците кои претрпеле штети на посевите – рече Коњановски. Илија Карески, раководител на урбанизам, вели дека од невремето биле оштетена дел од уличната инфраструктура, поплавени повеќе куќи… Веднаш излеговме на терен и започнавме со санирање на последиците – вели Карески.

Loading