ПИСОКАЛСКИ ИЛИНДЕН СО ДАРОВИ НА ВЕЛЈАНОСКИ

Нашинецот од Шведска постави плоча со својата песна, посветена на легендата за црквата и името на исчезнатото село Писокал 

Божјото царство Писокал ги рашири рацете да подари убавина и да освежи очи на неколку стотици добронамерници на празникот Свети Илија. Рајската красота се распослала низ зелената дабова шума под превојот Слива, на 15 километри од Прилеп, на патот за Мариово. Привлекува повеќе гости зелената ладовина на августовското сончево утро околу црквата, неодамна дотерана со нови конаци и трпезарија. Река народ го исполнува дворот. Стасал мноштво народ под широките крошни, кои не пуштаа сончев зрак. Дел од луѓето се поклонуваа на олтарот низ свештеничката празнична литургија, палеа свеќи, посакуваа здравје, берикет и благодет. Даруваа… Многу народ не само родум од Писокал или Кален, или Бонче, не само од Чумово и Штавица, туку и од Прилеп и од другите краишта на Мариово, и овој втори август, и овој Илинден, излезе од четирите домашни ѕида и куртули од тутунот со кошевите за нижење. Писокалските потомци се збраа на ручекот на четворицата домаќини да го прослават Денот. Сакаат да се препознаат, да видат колку остареле, колку косите им побелеле или паднале, колку борите на лицето ги навасале. Направија слава, муабет, се прекрстија на Божјиот храм и ги кренаа чашите вино да наздрават за вековитост на празникот. Ги вратија и спомените. Зборуваа за зортот на пеколната жетва. Раскажуваа за мелодичноста на песната на кавалчето при пасењето овци и говеда, за детските селски игри, за празнувањето на Илинден, Божик, Велигден… За свадбите и крштевките. Се сетија на гаснењето жед со студените води, кои сега ги прибра природата. Екна песна, мариовска низ планината, писокалска, завијаа оро на гајдиниот писок. Низ пладневниот северец низ облаци, се разведрија лицата со насмевка и се развиорија прамените на косите. Црковната слава ја удостои и нашиот сограѓанин со потекло од Марул, Томе Велјаноски. Од Шведска, од Гетеборг, тој испрати завет да се постави плоча на црквата со неговата песна, посветена на жетварката Илина, насловена “Писокал”. Мотивите му биле да го поддржи црковниот одбор во напорите да го дополни писокалскиот крај, од каде потекнувала мајка му. Селото Писокал згаснало, го запрело плачот на децата и крикот на добитокот и црковната камбана под притисок и палежот на Турците и Србите во почетокот од минатото столетие. Се запретале во пепел огништата, се преселил животниот пламен и ритамот на срцата со болка во душата. Се исселиле жителите во денешното село Чумови. За сеќавање за писокалската трагедија и за вековитост на легендата за градбата на црквата, Велјаноски создал песна, чија содржина на мермерна црна плоча се постави за празникот Илинден пред мноштво народ. Новинарот Кирил Ристески објасни за носталгијата, за родната грутка и за дарежливоста на големата душа на Велјаноски. Не само за црквите и манастирите, туку и за училиштата, гробиштата, болните во прилепската болница. Тој со низа хуманитарни акции и лични финансиски прилози ги помага напорите за оживување на раскошното наследство и одржување на богатата традиција. Ристески кажа дека Велјаноски црпел инспирација за творењето на песната од Писокал, укажувајќи на “раната во душата” на сите откорнати нашинци, посеани, како Велјаноски, насекаде низ светот. Честа да ја открие плочата, ја имаше неговиот внук Гоце Мирчевски. Тој гордо го крена националното знаме од плочата и ја извади на виделина песната на Велјаноски да им сведочи на идните генерации. Според легендата, момата Илина ја изградила црквата, на денешното место, одмарајќи се од жетварската мака. По дремката, í исчезнале опинците и калците. Го побарала на помош Свети Илија, а тој на празникот, í ја вратил “рубата”. За благодарност, таа ја кренала црквата, наречена Свети Илија, а местото го крстила Писокал, по прекрасно, навезените први, калци како напишани. Инаку, црковниот одбор кажува дека црквата е обновена со дарови на населението, кое го посетува местото лете. Се одмора во студените сенки, по неколку дена, полнејќи ги дробовите со чиста ладна ава и активирајќи пријатни чувства на сите сетила. Кренат е конак со неколку соби, опремени за ноќевање, има трпезарија и кујна за подготовка на храна за слава за над стотина луѓе. Одборот се жали што црквата и конакот, кои наликуваат на комплекс, немаат струја. Така понекогаш ноќе палат генератор. И водата не е силна да ги задоволи потребите. Со несебични дарови ќе ја дотераме инфраструктурата, како што ги изградивме конаците, како што ја освеживме црквата или како што го прилагодивме патот од стотина метри. Ќе се најдат и многу други широкогради луѓе како Томе Велјаноски, да помогнат да се стокми манастирот тк-м-тк – оптимисти се од одборот. Манастирскиот комплекс е “мамка” за убави моменти не само за Илинден.

 

 

 

П И С О К А Л 

Илина мома жетварка, седнала да си пладнува

до тие дрва дабови, под тие сенки ладови

сметнала српо од рамо, собула калци опинци

телото да си освежи, снагата да си одмори.

 

Откако мома ручала, лесна е дремка фатила

легнала мома, заспала, под тие сенки ладови

преспала мома Илина, големо чудо видела

обувки калци, опинци, до нејзе веќе не биле.

 

Писнала мома да плачи, до небо глас се разнесол:

“Оф леле Боже, добоже, кој да ми мене поможе

обувки да си пронајдам, работа да си продолжам

нивата да си дожнијам, снопови да ја направам.

 

Слушнал е Свети Илија, од небо вели говори:

“Не плачи моме Илино, утре е Света Недела

дојди си утре порано, обувки ќе си пронајдеш

обувки кој ти однесе, туку ќе ти ги донесе”.

 

Ранила мома Илина, отишла уште пред сонце

обувки, калци, опинци, на место си ги пронашла

големе радост сторила, Илија си го спомнала:

“Господи, Свети Илија, добрина што ми направи.

Манастир, овде ќе градам, слугинка ќе му слугувам

народот да се собира, името да ти спомнува

населба ќе си подигнам, името ќе í кумувам

На моите калци, првенци, плетени, како писани.

Loading