ЧЕКОР И КРАЧКА

Овојпат, само за една грешка. Ќе набележиме една грешка, а ќе прокоментираме за времето, местото и условите каде и кога е настаната. Кога би постоел некој мерник, со кој ќе може да се измери големината и тежината на грешката, можеби оваа ќе биде од поголемите. Можеби и најголема. Грешките се мерат и по тоа, кој и во какви околности ги направил.

Да се вратиме на тие околности. Дваесет и седми Март е Ден на театрите. Светски ден. Сите театри го одбележуваат тој ден. Обично, пред почетокот на претставите, се чита определена порака испратена од некој истакнат театарски деец. Телевизиите известуваат за овие настани. Годинава, на една од нашите телевизии, присуствуваше, како гостин, актерката која во 1945-та година, ја изговори првата реплика на македонски јазик, во македонски театар, во македонска држава. Тоа беше во Македонскиот народен театар во Скопје, во претставата “Платон Кречет” од украинскиот писател Александар Корнејчук. Тоа беше прва претстава на македонски јазик во професионален македонски театар, во слободна македонска држава. Репликата гласеше – “КОЛКУ Е БЛИСКУ СОНЦЕТО”.

Имаше голема симболика во таа реплика. Сонцето, како да го навестуваше новиот живот, посреќната утрешнина, слободата на Македонија! Среќата што ја имаше актерката која ја изговори оваа реплика е историска, единствена, неповторлива. Актерката, во телевизиската емисија, зборува за тоа време, за тој момент, за првата претстава на македонски јазик. Зборува така, возбудено, растреперено. Невозможно е кај човек да не се пренесе таа возбуда. Се брануваат емоциите, се навируваат очите со солзи. Актерката продолжува. Го споредува нејзиното доживување со случајот на американскиот астронаут Армстронг. Тој кога стапна на почвата од месечината ја изговори онаа позната реченица – “Ова е мал чекор за мене, но голем чекор за човештвото”. Такво било и доживувањето на актерката кога ја изговорила првата реплика на македонски јазик. Таа вели – “Тоа беше мала КРАЧКА за мене а голема КРАЧКА за театарот”. Уф! Наместо возбуда и радост, наместо среќа и задоволство, ова предизвика револт и гнев. Протест! Жесток протест! Како е можно тоа?! Таа актерка сиот свој работен век го помина во македонски театар, на македонска сцена, во македонска држава. Таа актерка цел живот говореше текст напишан или преведен на македонски јазик. И таа актерка, до денов денешен, не научила дека на македонски не е КРАЧКА, туку е ЧЕКОР. Ист онаков чекор каков што го направи Армстронг на месечината. Ист онаков чекор, каков што го направила таа на сцената.

Како е можна ваква грешка?! Грешка, што го замаглува, го намалува значењето на настанот. Затоа велиме дека грешките се мерат и по тоа, каде и кога се направени и кој ги направил. Среќата и радоста што ги почувствувавме веднаш беа заматени и заменети со гнев.

Изговорувањето на првата реплика на македонски јазик е единствен и неповторлив чин. Среќа, што може да ја доживее само еден човек и само еднаш.

А има и уште една немарност, својствена за нас Македонците. Пиесата “Платон Кречет” е преведена тогаш (1945 -та) за потребите на театарот. Можеби во некоја архива се чува некој примерок. Но, зошто ја нема во книжарниците, зошто ја нема во библиотеките? “Платон Кречет” и не е некоја којзнае каква драма, но сепак таа го одбележува најголемиот историски чин на нашиот театар. На македонскиот театар. Таа треба да биде достапна до секој читател. И младите генерации треба да имаат можност да видат со која пиеса започна дејноста на професионалниот Македонски театар, во слободна македонска држава.

Мала “КРАЧКА” е потребна за да ја видиме оваа пиеса во витрините на нашите книжарници!

Благоја Ивчески

Loading