НИКОГАШ ПОСИЛЕН ЖЕНСКИ ТИМ

Ракомет: Жито Прилеп со девет засилувања

Пет засилувања се од странство, а три домашни

Стартуваа подготовките на новиот Жито Прилеп. Квалитетот се насетува. Нивото го креваат деветте нови: голманката Михаела Јаломитеану (Крајова, Романија), Црногорките, левите крила Билјана Павичевиќ (Будуќност Подгорица) и Даниела Матановиќ, бековите Андреа Кликовац и Тамара Стојановиќ, пивотот Ана Стојановиќ (Бисери Плевља), домашните, бек – крило Марија Штериова и бекот Савица Мркиќ (Ѓ. Петров) и бекот, повратничка од Косово, Јованка Цветановска. Се верува дека се создава најсилен тим во историјата на женскиот ракомет во градот. Доведовме квалитетни млади репрезентативки. Можно е да се придружи уште една од романска Дева, десно крило, левучарка, но не е неопходно. Има перспектива во кадар – вели тренерот Магдинчев. До 16 првотимки се дополнува од “староседелките”, кои ја продолжија верноста: голманките Дијана Наумоска и Сандра Дурланова, бековите Ивана Петковска и Марија Когој, крилото Софија Аџулеска и пивотите Кристина Илиеска и Марија Серафимовска. Знаат што ги чека и се подготвени за висок професионализам, како што се гледа од првиот детал – немаше ниедна отсутна. Претстои борба за сите позиции. При изборот, акцент ставаме на интелектуалниот момент. Ќе отпаднат брзоплетите и невештите. Менталниот фактор е најбитен. Од конкуренцијата треба да составиме основа од 10 првотимки – истакнува Магдинчев. Екипата треба да издржи на четири фронта. Важен е домашниот суперлигашки шампионат, каде натпреварите се дури напролет, во завршницата, плеј – офот. Шанса за прв трофеј е и Купот. На меѓународна сцена е првото коло од европскиот Куп на куповите и Регионалната лига. Ривалите се силни во Регионалната лига. Добар тест да знаеме до каде сме и како да го градиме тимот. Во КПК нема потценување на литванска Гарлиава, иако шпекулираат за лесен, аматерски противник – порачува Ристо Магдинчев.

Гркинките не смеат кај нив, смеат кај нас

Закажани се два контролни меча на Жито Прилеп со грчкиот првак Орми Патрас на 15 и 16 август. Чудно, ама не им пречи амблемот со 16 – кракото сонце и името на арената “Сонце”. Нивната Федерација не дозволува меч кај нив, само кај нас – објаснуваат од Ж. Прилеп. Лани грчкиот првак го совладавме со 27-26 на пријателска во “Македонија”. Летово планирани се 12 теста: по две дома со Орми Патрас, Дева од Романија и Јагодина од Србија, а шест се во Врњачка бања, Србија.

Нема постара од 24 години

Шесте нови од странство се млади, желни за докажување. Нема повозрасна од 24 години, колку што имаат Јаломитеану и Ана Стојановиќ. Најмлади, по 18 години се Тамара Стојановиќ и Матановиќ. Четири се со меѓународно искуство. Кликовац (20 год./174 см.) играла за Петрол Подгорица и Бисери во КПК, Павичевиќ (23/168) со Бисери и Будуќност во ЕХФ и КПК, Ана Стојановиќ (24/176) со Бисери во Челенџ и КПК, а најдалеку стасала Јаломитеану (24/182), победник со Дева во Челенџ.

Во романски портал

Романскиот интернет портал “Хандбалволеј” веднаш објави вест за трансферот на голманката Јаломитеану. Со текстот е фотографија. Се споменуваат детали, како што е потписот на двегодишниот договор. Наведени се деветте засилувања на Жито Прилеп.

Loading