ЕГИПЕТ – ДАР НА НИЛ

Летна понуда

Храмовите се граделе како куќи на боговите во периодот на новото царство на десниот брег на Нил

Новото искуство и запознавањето на прекрасниот Египет е отворање на уште една врата на светот, на земјата на фараонот. Египет е колевка на цивилизацијата со ориенталните волшебства на земјата, сонцето и песокот, медитеранските убавини… Преку 5 000 години на бреговите на реката Нил, во северна Африка се развиваше неверојатната цивилизација на стариот Египет. Египет се наоѓа на североисточниот агол на афричкиот континент. Една е од најразвиените и најгусто населените земји од арапскиот свет. Главен град е Каиро – најголем град на Блискиот исток и Африка. Околу 90 отсто од населението живее на брегот на реката Нил, која им дава плодна почва и храна. Без неа, нема живот. Затоа и се вели “Египет е дар на Нил”. Земјата, со историја од 6 000 години, е туристичка атракција.

Каиро – градот од ,,Илјада е една ноќ,,

Каиро – градот од “Илјада е една ноќ” е неизмерна ризница на културно богатство и човечки достигнувања низ вековите. Глетката од воздух е импресивна и ја допира душата. Изгледа величенствено градот со 20 милиони жители. Низ срцето тече една од најголемите реки во светот, моќниот Нил, на патот кон Средоземјето. Сместен во сенка на пирамидите, најголемиот град во Африка, ја крие мистиката на ориентот и тајниот свет на Арабија. Украсен е со најславните споменици. Најпознати се пирамидите во Гиза – Кеопсовата, Кефрова и Микеринова пирамида.

Непроценливото богатство пронајдено ширум целиот Египет се чуваа во Националниот музеј, во кој е претставено славното минато на оваа земја. Импресионира колекцијата на најголемото египетско богатство на светот – Тутанкамоновото. Највпечатлива е посмртната златна маска, саркофазите од чисто злато, изрезбани со текст и слики. Тука е и кралската столица со слика од неговата венчавка, златните остави, во кои се мумифицирани неговите органи, и други вредни експонати. Има статуи од многу фараони.

Кхан ал – Кхалили е најпознатиот базар на светот, преполн со бучните трговци, кои по секоја цена убедуваат на купување. Ритуал, без кој нема продажба, е неизбежното ценкање. Сé изгледа претесно, како да е едно врз друго – искривени улички, шаренило од стока. Купувањето е авантура за долго паметење низ мирисот на ориентот.

Палми, типични сиромашни египетски населби, песок, прашина… Тоа е вистинскиот Египет! На брегот покрај Нил сé се менува. Врзани луксузни бродови на 3-4 ката, блескаат во мермер и злато. Крстарењето од Асуан до Луксор е со посета на неколку храмови на древниот Египет. Атрактивно е возењето со “Фелуком” – традиционално бротче со едра од времето на фараоните. Островот Елефанин и егзотичната Ботаничка градина на Лордот Киценара освојуваат на прв поглед со разноликите егзотични растенија и билки, чудните видови птици, со трска обраснати островчиња со песочни дини на спротивната страна на реката, на чиј врв е сместен мавзолејот на Ага Кан. Возењето по Нил е како бајка.

Агата Кристи го напишала романот ,,Смрт на Нил,,

Асуан е град со голем шарм. Луксузни хотели како да излегуваат од брегот на Нил… Асуан, преведено е трговско место или пазар. Тука од секогаш минувале караваните со трговци и војни експедиции. Подигнат е на местото на првиот катаракт на Нил (многу островчиња кои ја делат реката на тесни ракавци и брзаци, кои го забрзуваат течението). Брегот на Нибијската пустина и денес е административно средиште на Горен Египет. Како центар за трговија, со убава клима и бујна вегетација и островчињата низ реката, претставуваат омилено место за одмор. Градот е полн со романтика. Во поновата историја привлекува важни луѓе од целиот свет. Се случувале многу љубови и животни приказни. Агата Кристи го напишала романот Смрт на Нил.

Со градењето на египетските брани, страдале многу храмови, а и судбината на црнечкото племе Нубијци било запечатена со раселување по целиот Египет и Судан. Еден од храмовите кои оставаат голем впечаток е оној посветен на божицата Изида, сместен на островот Фила во Насеровото Езеро. Специфичен е по потопувањето со водите на Асуанската брана. Цели 80 години траеја заедничките напори на 22 земји за преселување на храмот од оригинално место на оддалченост од само 300 метри. Се познаваат нумерирањата, правени за реконструкциите на храмот на островот.

Пловењето по Нил е како низ река, опкружена со зеленило, шеќерна трска, палми и банани. Во далечината ѕиркаат песочните дини и ридчиња на Сахара.

На левата страна на Нил се наоѓа Едфу, храмот посветен на богот Хорус. Граден е повеќе од 180 години на местото од стар храм. Ја чува градежничката уметност на династијата Птоломеј..

Возбудливо е минувањето низ Есна, преминот поради различното ниво на Нил. Бродовите пловат со предводници. Необично доживување е влезот во т.н. базен, механички се испушта водата и се спушта бродот на ниско ниво…

Хатшепсут – првата жена фараон

Луксор е најголем светски музеј на отворено. Тој е најголемиот град во Горен Египет. Прочуената Долина на кралевите, сместена е на левиот брег на Нил, на кој се закопани фараоните и нивните жени од новото кралство. Недалеку, на западниот брег се наоѓа локалитетот Деир Ел – Бахари. Импозантната градба, приклештена во карпи, е храм на владетелката Хатшепсут. Таа е првата жена фараон, која владеела, претворајќи се во маж. Оваа мудра жена наредила да се цртаат храмовите со нејзиното боженствено потекло. Долго му одолевала на бројните непријатели. При владеењето го кренала најимпресивниот храм, надвиснат на потполно гола планина, со моќен изглед од кој запира здивот..

Многу владетели оставиле трага. Такви се храмовите, посветени за брачниот пар – богот на сонцето Амон Ра и богињата Мут. Храмовите се граделе како куќи на боговите во периодот на новото царство на десниот брег на Нил. Вообичаениот влез во храмот го сочинуваат два реда сфинги и два обелиска. Повеќето храмови личат еден на друг, сепак најимпресивен е Карнак – храмот на богот Амон Ра со колонада од 134 огромни столбови кои секого остават без здив.

Низ Каиро се гледа Цитаделата, опкружена со ѕидини во која се наоѓа Мухамед Али џамијата изградена од бел алабастер. Оваа светска метропола има огромен кварт во кој се живее во импровизирани куќи. Градот има големи разлики… Импресивен е Коптик Каиро – христијански дел со црква. Таму е катакомбата во која седеше и Исус Христос со мајка му Марија, по прогонувањето од Ерусалим.

Египет е оаза на човечност, недопрена од западната работливост, стрес, технолошки развој и трка за профит.

НАЈГОЛЕМА Е КЕОПСОВАТА ПИРАМИДА

Пирамидите се наоѓаат на 12 км западно од центарот на Каиро. Му припаѓаат на кралството. Трите пирамиди се гробници, изработени од дедото, синот и внукот фараон, Кеопс, Кеферин и Микерин. Најголема е Кеопсовата, која и се вика Голема пирамида и претставува едно од седумте светски чуда. Во текот на 4 000 години беше најголема градба (висока 147 м со основа од 230 м) на светот и најпрецизно изградена градба од камен. Стручни лица пресметале дека да се изгради едно вакво здание биле потребни 20 илјади работници. Пирамидата не ја граделе само робови, туку и слободни граѓани доброволно за слава и чест. За време на поплавите на Нил, биле стопирани сите земјоделски работи. Пирамидата е изградена од блокови од варовник и гранит, тешки од 2 – 15 тони. Градбата траела 20-тина години и се смета дека пирамидата тежи 5 милиони тони. Кеопсовиот син изградил пирамида позната под името Кеференова, висока 143,5 метри. Сочуван и е врвот од блескав варовник. Најмалата пирамида му припаѓа на внукот на фараонот Кеопс, Микерин. Висока е 65 метри. Покрај нив, е најпознатата свинга на свет, големата свинга на фараонот Кеферин. Свингата е џиновска скулптура на лав со Божје лице, обликована по примерот на Богот – крал Кеферин. Покриена е со гипс и обоена со јаки бои. Висока е 20 метри, а направена од едно парче камен. Фасцинира вклопувањето во урбаната зона. Додека се шеташ низ Гиза извираат и пирамидите меѓу покривите на куќите, минарињата или џамиите.

Хургад е туристички бисер

Хургад е туристички бисер на брегот на Црвеното море. Малку места на светот, создаваат таква имагинација, кристално чисто море, чии бои се преливаат од светло сина, тиркизна, зеленкаста, до модра. Хургад привлекува со комплекси од луксузни хотели со сите можни и невозможни дополнителни содржини.

Со џип низ песок

Џип Сафари – како излет е полн погодок за туристите со лудо возење со џипот од 40 км по пустината, качување на куповите песок, посетата на бедуинско село, јавање египетски камили, уживањето во умба тумба танцот, запознавањето на галабејата која е машка египетска традиционална облека.

Loading