11 ОКТОМВРИ МОЖЕ ПОДОБРО

Фудбал: Прволигашко деби со минимален пораз

Најбројната, петилјадна публика заслужува повеќе

Загубен е дебитантскиот прволигашки меч од Вардар (0-1), а можеше да биде поповолно за 11 Октомври. Во цврста игра, не му се даде на фаворитот да “гази се пред себе”. Како обично бидува на дерби, еден гол решава. Невнимание на одбраната или линијата пред неа, чини губење три бода. Стручњаците прават детални анализи, но впечаток е дека 11 Октомври може подобро. Играта е на колективот, но креацијата на средниот ред. Таму, особено во првиот дел, тешко течеа комбинациите од одбраната до нападот… По одморот и примениот гол во 58 минута се смени на подобро и оттука зачестија шансите. Можеби битен момент е импресионираноста од мечот, прв историски за клубот и од атмосферата. Не е лесно, туку одговорно е да се игра пред петилјадна публика. Оттука треба да се гледа нормално на слабостите, кои има време да се коригираат. Некои сметаат дека со време, и 11 Октомври ќе расте како клуб и ќе го добива заслужениот респект. И судиите ќе сфатат дека доаѓаат во најфудбалскиот град. На дербито сантиметри беа во прашање за офсајд и кренатото знаменце немаше да налути никого, но аутрикторот не мрдна со рака во полза на прочуениот Вардар. Најважно сега е краната глава. Да се игра за навивачите. Клубот се гордее со она што ретко го има на други места – публиката. Се докажа по којзнае којпат дека вистинско дерби во домашниот фудбал се игра само во Прилеп. На трибините се близу 5 000 гледачи, повеќе отколку на сите други пет прволигашки меча заедно. Навистина, за вакви навивачи, жално е да се изневерат и вреди да “гине” тимот на 11 Октомври.

Утре кај Шкендија

Следен предизвик во второто коло е актуелниот шампион, Шкендија. Цела недела беше посветена на овој меч. Ништо не се губи, може само да се добие под Шара. И еден бод е успех. Во составот неизвесен е Благојче Рутевски поради повреда. Мечот е в сабота (17 ч.) на стадионот во Тетово.

Пак загубивме од Миравци

Ако според фузијата, Вардар е всушност Миравци, произлегува дека загубивме од Миравци. Исто како лани, на стартот од Втората лига, беше 0-2 за гостите од гевгелиското село. Тие што веруваат во традиција, се оптимисти поради ова поклопување. 11 Октомври, ако тргне лошо, продолжува добро. Потсетуваме лани стаса на врвот од табелата на Втора лига.

Подароци за 11 Октомври и Вардар

Никој како ФК Пролетер. Само овој клуб се сети на пригоден начин да посака успех во прволигашката фудбалска сезона на дебитантот 11 Октомври и најтрофејниот Вардар. Пред стартот на дербито, координаторот Сами Јашароски и повратникот од Австрија, Реџеп Хасаноски поделија цела вреќа подароци на капитените Дејан Кулески и Филип Ивановски. Врачивме бомбониери, пијалоци, слики од ФК Пролетер и историски фотографии со војводите на вечна Македонија. Дадовме и благодарници за соработката со двата клуба – вели Јашароски. ФК Пролетер се натпреварува во А – Општинската лига, со амбиции догодина да биде како порано, во друштво на третолигашите.

Loading