ПОЧИТ ЗА ДВАТА ИЛИНДЕНИ!

Втори Август во македонската историографија е датум на кој се случиле два настана од големо значење за македонскиот народ и македонската држава, Илинденското востание против османлиската власт и Првото заседание на АСНОМ, на кое се удрени темелите на македонската самостојност и државност. Македонските граѓани во вторник ќе ја празнуваат 108 годишнината од Илинденското востание и 67 години од Првото заседание на АСНОМ. 2 Август е прогласен за државен празник – Ден на Републиката. Востанието започнало на 2 август на денот кога се празнува “Св. Илија”. Во Крушево била формирана Република со сите највитални органи за нејзино функционирање. Највисокиот орган се викал Совет на Републиката со 60 членови. На 2 август 1944 г. се одржа Првото заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија, Вториот Илинден. За првпат во македонската историја (после десет века) е создадена македонска држава. Во манастирот “Св. Прохор Пчински”, покрај делегатите на АСНОМ, во салата биле присутни делегатот на ВШ на НОВ и ПОЈ, Светозар Вукмановиќ – Темпо, делегатите на англиската и американската воена мисија. По повод 54 години од смртта на првиот претседател на АСНОМ, Методија Андонов – Ченто, на 25 јули пред неговиот споменик беше положено свежо цвеќе. Делегација од Општината и претставници од семејството, политички партии, пратеници се поклонија пред името и делото на прилепчанецот, кој е еден од втемелувачите на македонската самобитност и државност. Свежо цвеќе положија и претставници од Сојузот на борците од Прилеп и група граѓани.

Loading