ТОКИСКА ТРАДИЦИОНАЛНА НАСМЕВКА

Култура, ред, трпеливост и одговорност ги краси Јапонците

Интересен беше летото за Токио, особено зашто стјуардите и стјуардесите не престануваа да се жалат на условите за работа. Бесконечното и сеопфатно жалење, за среќа, престана на околу три-четири часа пред слетувањето. Тоа беше сé, само не весел почеток на мојот пат во Јапонија, кој имаше деловен, а не туристички карактер. Стигнавме, а проблемите му ги оставивме на екипажот. Рано попладнето во токискиот хотел, превртував низ главата сé за што треба да се грижам. Најмалку размислував за работата, иако пред мене беше голем предизвик. Првпат ќе работам со нова компанија во Јапонија. Ќе морам да научам, за два дена пред да дојдат елитните групи патници, кои очекуваат совршенство. Тоа се луѓе со многу пари и многу барања, а нашата понуда е апсолутно ексклузивна, и вреди за тие пари. Стравувањата беа од лична природа. Најголемиот, беше како ќе јадам жива риба, зашто и моите гости ќе сакаат да го пробаат тоа. Доаѓам од земја каде што е совршено јасно што стои пред тебе, од каде потекнува и како е приготвено. Не зборувам за специјалитетите, зашто ние сме во основа земја на месо и компири. Факт е дека мојата рана гастрономија се базира на едноставни јадења. Не се навикнав на необични јадења. Да почнам да јадам кинеска храна, ми беа потребни пет години. Во седумдесеттите немаше кинески ресторани. Колебањето беше разбирливо, зашто егзотичната храна беше искуство само на малку луѓе.       На последната страница на магазинот “Mad Magazine” го здогледав стрипот со наслов “Што не треба да правиш во животот”. Препорачува никогаш да не се влегува во кинески ресторан низ кујната. Нацртани се двајца Кинези како дерат и јадат мачка. Тоа беше толку драстично, што со години не можев ни да се приближам до некој сличен објект. Во таа авантура се впуштив по многу години. Денес ги сакам кинеските специјалитети. Меѓутоа, сушито и сашимито, беа нешто што не се надминува, па јапонската храна остана зад границите на прифатливото.

Мистерии и предрасуди

Огромна е љубопитноста за оваа некогаш сосема изолирана земја. Секогаш сакав да патувам за Јапонија. Тие причини не беа сосема туристички, зашто отсекогаш ме привлекувале посебни доживувања и контакти со различни култури. Имав малку и предрасуди, но и добри претчувства. Еве и список на моите предзнаења, а можеби и заблуди: Станува збор за интересна и мистериозна земја. Во неа живеат воспитани луѓе (освен во воените времиња). Таа е колевка на неверојатна култура, со својата затворена историја, самураите, сумо борачите, икебаната, и најмногу, со уметноста на трпението. Во Јапонија ме привлече и книгата “Мемоарите на една гејша”, од американскиот писател Артур Голден, кој успеал неверојатно вистинито да ги прикаже животот и чувствата на својот главен лик. Прекрасните филмови на Акира Куросава веќе одамна беа дел од моето образование и љубов кон седмата уметност. На списокот е и “Изгубената Јапонија”, книга на Алекс Кер, кој голем дел од животот го поминал во оваа земја, и успеал да разбере како Јапонија, од сосема затворена и изолирана земја, успеала да стане една од најголемите економски сили на светот, а не изгубила ништо од својата традиција и своите карактеристики.

Дисциплинирана нација

Јапонците се нација со строга хиерархија и организација, како да се војска. Мора да се знае кој е водачот, па и во секоја работа се подразбира организација без ниту една грешка. Сите завртки мораат да бидат подмачкани и да работат. Се има свој ред. Се почитуваат шефовите, постојат протоколи на однесување, се знае кој е важен… Тоа беше очигледно веќе при првата средба со луѓето. Ме пречекаа четворица ниски луѓе во деловни костими. Беа бескрајно љубезни, постојано се смешкаа и се поклонуваа. Изгледаше како поклонувањето никогаш нема да престане.    Цело време размислувам, каде се Јапонци од Втората светска војна? Тие се преселиле во американските филмови, а овде останало бескрајното поклонување и бизнисот. Уште нешто. Јапоците сакаат да разменуваат визит карти. Моите ги разделив, а за возврат, во мојот куфер се најдоа неколку стотини јапонски. Јапонија е земја со најнапредна технологија. Се покажа и во новиот хотел, “Пенинсула”, со сите можни совршенства на модерниот дизајн и техниката. Ме импресионира. Домаќините не губеа време, кога е во прашање работата. Во хотелот “Империјал”, беше организирана свечена вечера за мене како претставник на голема туристичка агенција. Се работи за најславниот класичен хотел во Јапонија. Сите седнавме околу големата тркалезна маса. Интересно, иако бев уморен одо долгиот пат, се чувствував пријатно. Не се одолева на насмевките на љубезните луѓе. Така морав постојано да им се насмевнувам. Нивниот англиски не е најдобар, но не попречува. Се зборува малку, а на заминување сите се поклонуваат и се насмевнуваат. Се почувствував крајно одговорна за тишината. Можеби не е во ред да се молчи толку? Поради тоа почнувам да ја исполнувам тишината со разни небулозни приказни за сé и сешто. Разликата во културите беше очигледна. Ми пречеше тишината, а ним им е сосема нормална и воопшто не им пречи. Додека зборував, мислев дека немаме за што да молчиме, а нив тоа време им беше многу исполнето. По половина час безмилосно зборување, и нивно љубезно насмевнување, конечно сфатив дека нив тишината не им пречи, и дека морам да се навикнам на тоа. Стигна вечерата, па се свртувам кон уживањето. Добра лекција, уживај во тишината, па уживај во храната, а работата ќе биде завршена, зашто Јапонците одлично знаат да го прават тоа, како и Американците. А храната? Ништо од сушито и сличните специјалитети од кои се плашев. На масата имаше прекрасна француска вечера. И тоа е лекција, како треба сé да му се угодува на гостинот и деловен партнер, а да не се предизвикува непријатност. После се вратив во хотелот во прекрасна соба со глетка. Ги гледам Ginza и Imperial Palace, и уживам во светлината на градот, кој ја има енергијата на Њујорк. Хотелот “Пенинсула” е нов со ресторан во кој се служи чај. Не мислам на чајот како едноставна напивка, туку како ритуал. Како во Англија, постои обичен чај кој се служи со разни мали сендвичи, мињони и слично, но и “high tea”, кој се служи надвор од регуларната храна. Во Јапонија имаат обичај, кога е нешто ново, како хотелот “Пенинсула” и неговиот ресторан, да се направат големи редови да се влезе и да се биде виден. Се чека за маса многу долго. Тоа некогаш трае и повеќе од час. Луѓето се трпеливи.

Гламур и пријатни бездомници

Првпат се сретнав со Чиеко Сакихана, една неверојатна жена која ќе ме води две недели. Чиеко ги заслужува следните редови. Таа е жена со огромна енергија. Во доцните шеесетти години е, мала, паметна, високообразована. Знае, не само за Јапонија. Неверојатна í е организацијата и комуникацијата преку мобилен телефон. Држи предавање за културата на самураите, се јавува во ресторанот да ги потврди резервациите, потоа во хотелот да види дали е сé во ред собите, и во исто време разговара со возачот. Постојат многу непријатни теми. А тие се, Втората светска војна, што правеле Јапонците во Кина, и секако, најтешко од сé, Хирошима и Нагасаки. Чеико ме однесе во еден интересен дел на Токио, каде што туристите не одат. Тоа ме интересира. Љубопитен сум за содржината зад неверојатните фасади и повеќекатници. Тој дел се вика Јанака. Таму може да се доживее оригиналното, старо Токио, какво што било во времето пред сојузниците да го срамнат со земјата, кон крајот на војната. Низ тесните улички, покрај мали куќи и дворови, има дуќани, будистички цркви, јавни бањи и уметнички галерии. Поминуваат луѓе на велосипеди. Стигнуваме на малите будистички гробишта, опкружени со стари куќички, а во далечината се облакодерите и модерното Токио. Потоа стигнуваме во Уено Парк. Тоа е Токио зад гламурот, светлината, продавниците “Прада”. Интересен стар парк, со езеро, прекриено со лотоси, гулаби, разурнати цркви, многу луѓе, и изненадувачки, бездомници. Неверојатно е, но тие многу се поклонуваат и се насмевнуваат. Тоа е и првото и второто лице на Јапонија и Токио. Насмевка и љубезност насекаде. На една страна богатство и гламур, а сиромаштија, на која мислев дека нема да наидам во оваа богата земја, на друга страна.

Loading