ПОБЕДНИЧКИ ГО ЧЕКАМЕ ВАРДАР

Фудбал: 11 Октомври подготвен на осум дена до големото дерби

На пријателските билансот е две реми и три победи

Атмосферата се вжештува на осум дена до големото прволигашко фудбалско дерби, 11 Октомври – Вардар. Домашните се во финална подготовка. Може мирно да се чека премиерниот меч идната сабота после 33 дена напорна работа на тренерите Николче Здравески, Трајче Илиоски и Круме Митрикески. По кондицискиот дел, следеа тактичко – технички тренинзи и пријателски средби. Билансот е позитивен: три победи (Миравци на гости, Еуромилк и Охрид 2004 дома, сите по 2-1), а две реми (дома со Пелистер 1-1 и на неутрален со Смедерево 0-0). Играта напредува од меч во меч, расположението е на највисоко ниво. Владее победнички дух, пред дуелот со петкратниот шампион, Вардар. Радува цврстината во одбраната, докажана ланската сезона. Има време за корекција на некои видливи недостатоци, кога се прима ефтин гол. Средниот ред ја креира играта, според офанзивната тактика. Има “храна” за нападот, многу шанси и доколку се наместат нишанските справи, треба да се очекува често тресење на ривалските мрежи. Зголемена е и конкуренцијата. Никој не е сигурен за место меѓу 11- мината за првиот натпревар. Густо е во одбраната со Димитриоски, Обрадовиќ, Данилов, Ф. Мирчески, Николоски, Спиркоски, Рутески, средниот ред, каде се Кулески, Петрески, Ацески, Дунимаглоски, Велјановски, И. Мирчески, Крстески (без Мојсов на проба во Романија), а слично е во напад со Марковски, Гешоски, Мојсовски, Тошески, Јанкоски. Има и искусни, и млади. Тоа е комбинација за силен тим. Погледите се свртени кон пресметката со Вардар. Фудбалерите, нема сомневање, ќе дадат 100 отсто од силите. Се очекува максимална поддршка од трибините. Со громогласно бодрење од илјадници грла на стадионот “Гоце Делчев”, полесно се стасува до победата и трите бода за 11 Октомври.

Распоредот в петок

Од технички причини, а со цел внесување детали за најновите промени, најавениот Колор распоред – постер ќе биде објавен во наредниот број на “Зенит”. Форматот е колку две страници од неделников. Содржи комплет 22 кола од Првата фудбалска лига, фотографии со разни податоци за управата, тренерите и играчите на ФК 11 Октомври.

Утре пријателска

В сабота (17, 30 часот) на стадионот “Гоце Делчев” е пријателскиот меч на 11 Октомври со кичевски Напредок. Се очекува интересен дуел на прволигашите. Љубопитните домашни навивачи ќе можат да насетат кој состав ќе се спротивстави на Вардар. Мечот е последен, генерален тест за 11 Октомври.

Скопјани трупаат играчи

Точно не се знае колку фудбалери се на списокот од новиот Вардар. Скопјаните со тренерот Илчо Ѓорѓиоски секој ден “трупаат” играчи. Прво беа десет нови: Илиевски, Мицков, Захов, Велјановски, Бошковски, Аргировски, Туневски, Петров, Штерјов и Ивановски. После се приклучени Грозданоски, Бразилецот Лико, Србинот Стојаковиќ, Нигериецот Оса. Во Вардар уште сакаат Васоски, Карчев, Урдинов. Имињата се “страшни”, но треба време за прилагодување и воигрување. Тука е слабата страна на Вардар.

Loading