ЖДРЕПКАТА КАНИ 10 000 ГЛЕДАЧИ

Фудбал: На 30 јули 11 Октомври – Вардар

Голем интерес за гостувањето на петкратниот првак

Извлекувањето за наредната прволигашка фудбалска сезона уште во првото коло го носи Вардар на гости на 11 Октомври. Подобро не можеше на 30 јули, новиот прволигаш против петкратниот шампион. Веќе паѓаат коментари при голем интерес. Како одминува времето се очекува еуфоријата да придонесе во надминување на ланските рекорди. Ако есента и пролетоска имаше над три до пет илјади, во новото првенство е приближувањето до одамна посакуваните 10 илјади гледачи на стадионот “Гоце Делчев”. Привлекува дербито, борбата на рамноправни ривали. Иако 11 Октомври е нов во највисокиот ранг, на секого му е јасно дека е сериозен клуб и силен тим. Тренерот Николче Здравески има на располагање 25 професионалци. Покриени се сите линии со силна конкуренција. Тоа се виде на првите две контроли, дома со Пелистер (1-1, Мојсовски) и на гости со Миравци (2-1, Данилов, И. Мирчески). Сите добиваат шанса да се покажат со квалитет, игра, пожртвуваност, дисциплина, соработка. Голмани се Коруновски, Кебакоски и Игески, одбрана Димитриоски, Обрадовиќ, Данилов, Иваноски, Ф. Мирчески, Рутески, Спиркоски, Николоски, средина Кулески, Петрески, Ацески, Мојсов, Дунимаглоски, Велјановски, Здравески, Крстески, а во напад И. Мирчески, Марковски, Мојсовски, Гешоски, Јанкоски и Тошески. И Вардар се “разбранува” по ждрепката. Во свежо сеќавање е елиминацијата од осминафиналето на Купот, пред две години. Тогаш аутсајдерот 11 Октомври го совлада фаворитот со 3-1. Сегашниот Вардар го предводи тренерот Илчо Ѓорѓиоски. Беа реализирани подготовки во Србија, со одигрување контролни средби. Во почетниот состав се Србите Симов и Бојовиќ, Илиевски, Мицков, Бошковски, Ристевски, Ацевски, Пандовски, Петров, Ивановски и Бразилецот Лико. Скопјаните се свесни што ги очекува по две недели. Досега никој лесно не поминал в “котел” во Прилеп.

Реприза на 1992

Како да се повторува историјата. Многу наликува на првата сезона во самостојна Македонија, 1992/93. Ждрепката го извлече дербито Победа – Вардар. Летото 1992 се собраа 10 илјади гледачи. Победа против големиот фаворит извлече реми 1-1 со голот на Тони Наумоски. Бранеше Зоран Мицевски, во одбрана Блаже Филипоски, Љупче Милевски, в средина Миле Тодороски, а Марјан Стојкоски – Манта беше капитен на Победа.

Митрико “младее”

Највозрасниот во Стручниот штаб, Круме Митрикески, толку лесно, рутински ги извршува обврските на голмански тренер, исто како пред децении. Секој ден стотици топки шутира и нема гајле. Синот и ќерката, доктори, не дозволуваат да стапнам на стадион, да не бев сосема подготвен. Никаква мака немам, додека работата е задоволство, тука сум – вели Митрикески. Голманот Пеце Коруновски сам се јави за коментар”Напишете, досега подобар тренер не сум видел!”.

Распоред во идниот број

Колор распоред – постер е во подготовка за наредниот број на “Зенит”. Форматот е колку две страници од неделников. Содржи комплет 22 кола од Првата фудбалска лига, фотографии со разни податоци за управата, тренерите и играчите на ФК 11 Октомври.