Летна понуда
Потсетува на голема розен торта – многу кори, а меѓу нив фил, за постепено и лесно уживање, слој по слој
Ако се прашувате каде можете да доживеете многу различни искуства за еден ден, од уживањето во изненадувачки чистото море, преку посетите на културно – историските споменици, па до забавувањето на некој фестивал или во ноќните клубови, одговорот е Малта. Глетката е спектакуларна при доаѓање со авион. Се добива впечаток како некој да фрлил неколку камчиња среде Медитеранот. Малиот архипелаг го сочинуваат три населени острови, Малта, Гозо и Комино, како и два помали, ненаселени, кои, на прв поглед, можеби изгледаа доста пусто и неинтересно. Нема планини, бујна вегетација, реки… Не се кажува веднаш: “Каков рај”. Тоа да не обесхрабрува. Пријатни изненадувања демнат на секој чекор и чекаат постепено откривање. Прво што се забележува се карактеристичните камени куќи со окер боја, кои доминираат на островот. Второ, се гледа дека на секој чекор историјата длабоко ги вмешала прстите. Траги има насекаде. Тоа е посебна привлечност.
Гозо постара од Гиза
Да тргнеме со ред, од археолошките мистерии. Би можел да го поставам следното прашање: “Што е постаро, Гозо или Гиза?”. Гозо, секако. Комлексот храмови Ганти, на Гозо е изграден меѓу 3600 и 3000 година п.н.е, и веројатно е најстара зачувана градба на светот, многу постара од познатите пирамиди во Гиза! Мегалитите од кои е изграден изгледаат импресивно. Затоа секој се прашува, која цивилизација ги направила и на каков начин. Постојат уште неколку малтешки неолитски храмови, но овој е најстар и најголем. Малта навистина имала бурна историја. Се менувале разни цивилизации и освојувачи. Ја освојувале Фениќаните, Картагинците, Римјаните, Арапите, Норманите, Шпанците, витезите на Св.Јован, Французите и Англичаните. Од сите, најголема слава на Малта и донело владеењето на витезите од редот на свети Јован Ерусалимски, кои тука дошле во 1530 година, откако Турците ги протерале од Родос и Бодрум. Владееле се до 1798 година, додека не ги поразил Наполеон. Поради нивниот повеќевековен престој, останало името -малтешки. Прва престолнина била Мдина, основана уште од Фениќаните, околу 700 година п.н.е. Овој град, на височината во внатрешноста на островот, плени со својата необична атмосфера. Изгледа како да не е населен. Тишината е необична. Ретко се среќава некој по улиците. Нема дури ниту продавници, пазари и кафулиња, туку само два незабележителни ресторани, каде отсекогаш престојувале само малтешките семејства.
Ла Валета во бедем
Денешниот главен град, Ла Валета, го основал Жан де Валета во 1566 година. Финансиите за изградба ги обезбедиле многу европски владетели, во знак на благодарност и воодушевување за победата над многу надмоќните турски напаѓачи, една година порано. Ла Валета е убав град, изграден во бароктен стил, заграден со високи ѕидини. Улиците се сечат под прав агол, и освен главната, “Улица на републиката”, останатите се тесни, честопати стрмни и со скали. Куќите ги карактеризираат интересни дрвени тремови (галериас), градени под влијание на шпанско – андалузискиот стил. Вистинско уживање е да се шета по овој музеј на отворено и да се ужива во знаменитостите како што се катедралата Св. Јован, каде што може да се видат дури и слики од славниот Караваџо, археолошкиот музеј, или Палатата на големиот господар, во која денес се наоѓаат претседателскиот кабинет и зградата на Парламентот. Најубавите градби се пред националната библиотека. За одмор од шетањето, има бројни ресторани и кафетерии. За освежување се препорачува локалниот безалкохолен пијалак кини, кој потсетува на кокта. Одлични се и локалните вина и пива. Немаат ништо полош квалитет од кои било светски брендови. Каде што има пиење, тука има и храна. Интересно е да се проба локалната кујна. Вкусен е лебот хобз, однадвор добро испечен, а внатре мек. Најдобро оди со маслиново масло и домат. Неизбежни се “пасици”, печиво од лиснато тесто полнето со сирење. Го има на секој чекор, како и тимпаната, пита од макарони. Никој не останал гладен. Има голем избор на интернационални јадења. Треба да се пробаат локалните специјалитети од риба, какошто е на пример лампуга или зајак. Па кој што сака… Малтежаните се интересен народ. Имаат многу различни гени, најмногу арапски и италијански. Нивниот јазик “Лингња Малтија” е необичен. Потсетува на арапски, но има зборови и карактеристики на јазикот од југот на Италија и англискиот. Интересни се за слушање. Не се разбира ниту еден збор. Но, нема место за страв. Сите зборуваат одлично англиски, а многумина и италијански. Иако не е голем по површина, главниот остров нуди многу. Штета би било да се пропушти нешто. Сообраќајот е добро организиран. Посебна атракција се жолтопортокаловите автобуси, олдтајмери, со кои може да се обиколи островот. И тоа е доживување. Добро е и да се изнајми автомобил, и во сопствена режија, да се крстосува по патиштата и да се влезе во секое катче. Треба вниметелност оти се вози по левата страна. Ако тоа не смета, напред во авантура. Слима е урбан, трговски и туристички центар, место каде живее голем број од локалното население. Најинтересно е главното шеталиште покрај морето – Штранд, преполно со продавници и ресторани. Одовде тргнуваат бротчињата за Валета и Гозо. Во внатрешноста на островот, покрај Мдина, интересни се и Рабат и Моста, во која се препорачува да се видат црквите Ротунда, со единствената купола, која е светски раритет. Марсашлок е питорескно и живо рибарско село со интересни сино-жолти рибарски чамци со нацртани очи на носот. Тие би требале да го штитат бротчето од злобните морски сили. За класичен туризам, убаво е местото Бугиба, во близина на Заливот свети Павле.
Камен и лагуна
Малта не може да се пофали со убави плажи, главно се карпести или бетонски. Со малку труд се најдуваат и песочни, како Гхајн Туффиеха, Меллиеха Баѕ и Голден Сандс. Изборот е индивидуален. Задолжително да се посети островот Гозо, оддалечен само 5 км од Малта. Само не во викенд, зашто тогаш Малтежаните масовно доаѓаат и има голем метеж. Овде чувството е сосема поинакво, животот е помирен и побавен, а населението се смета за поинакво од жителите на главниот малтешки остров. Според легендата, овде нимфата Калипсо го намамила Одисеј, по враќањето од Троја. Во заливот Рамла се наоѓа пештерата каде го држела заробен седум години. За вистинско уживање, тука е преубавата плажа со црвеникав песок. Островчето Комино е мал рај, место за бегство од градската врева, идеално за релаксирање, вистинска еколошка оаза со чисто море. Особено е убава Сината лагуна, каде што водата има тиркизна боја. Колку и да уживаме во овие морски волшебства, ноќта доаѓа брзо и носи доживувања. Ноќниот живот е многу богат и блескав, пулсира во различни ритми. Убави се рестораните и пабовите во Слима, но и во другите места. Центар на ноќната забава е заливот Сент Џулијанс, односно во неговиот дел Пачевил. Наместо коментар, еве еден цитат од некогаш познат светски коментатор. “Луѓе мои, дали е тоа можно, лудница, што е ова?!”. Во бројните клубови и дискотеки цела ноќ е преполно, живо и бучно. Само “фун, фун фун…”. Нема спиење, ако случајно имате сместување во некој хотел во непосредна близина. Кога на крајот некој ќе праша како накусо и сликовито би ја опишал Малта, велам дека потсетува на некоја голема розен торта – многу кори, а меѓу нив фил, за постепено и лесно уживање, слој по слој… “Не е важно да се живее, важно е да се плови”, рекол славниот римски филозоф, Плиниј постариот. Скитиниците не можат да издржат долго на едно место. Затоа замислив дека сум познатиот стрип – јунак од овој остров, Корто алтезе, и отпловив натаму. Се надевам дека морските струи и ветрови повторно ќе ме донесат на овие возбудливи “сончеви камења”.