ТВОРЕШТВО, ДРУЖБА И ИСКУСТВО

По четвртото издание на колонијата”Дрен”

Манастирскиот комплекс Св. Илија осум дена беше творечка инспирација за 13 уметници, учесници на ликовната колонија Дрен, во организација на ЦК “Марко Цепенков”. Уметниците од земјава, од Србија и од Бугарија низ творештво се дружеа, стекнувајќи нови пријателства и искуства. Создадоа триесетина слики кои ќе останат трајно наследство на Центарот и на државата.

Сите уживаа во инспиративните пејзажи, кои, со бои и четки, ги ставаа на платна.

– Првпат сум и не згрешив што прифатив да творам на овој ликовен собир на уметници од Македонија и странство. Местото е инспиративно – вели Маја Стефановска.

Сергеј Дамовски е врзан за колонијата.

– Секоја година создавам различни дела по структура – вели Дамовски.

Јасмина Селиг, од Србија, е воодушевена од природата

– Предизвикува и духовноста на просторот. Колонијата беше и музичка. Тоа ме инспирира да создадам соодветни дела – вели Селиг.

Нејзината колешка Наталија Мијатов опуштено творела.

– Имавме можност да размениме искуства – вели Мијатов.

Дрен ја бендисал и Венера Константинова од Бугарија.

– Убаво е местото, природата плени и буди мотиви за сликање – вели Константинова.

Делата на четвртата колонија ќе бидат презентирани на изложба.

– Триесетината сликарски дела ќе се изложат на културното лето, не само во Прилеп – вели Тони Чатлески, директор на ЦК “Марко Цепенков”.

Loading