МУЗИКА Е ДУШАТА НА ПРЕТСТАВАТА

Марјан Неќак, композитор

Марјан Неќак е потписник на музиката за бројни претстави во битолскиот театар, прилепскиот, албанскиот, МНТ, во театрите во странство, на музика за оперети, мјузикли, кореодрами, балети. Наградуван е повеќепати, а последната ја доби на 46 МТФ “Војдан Чернодрински” за музиката во претставите “Антица” на прилепскиот и “Обична приказна” на битолскиот театар. Секое признание, на секој уметник му значи. Наградата е стремеж за напредок. “Антица” ја нарековме музичка битова драма, стил, кој со режисерот Брезовец, го работиме од “Печалбари” во Битолски театар од 2000 година – вели Неќак. Битовата драма е непресушлив предизвик. Затоа е нужна долга подготовка. Музиката за “Антица” ја создавав два месеца. Со Брезовец доста дискутиравме, менувавме, се инспириравме еден од друг. Потоа следеа музички проби со ултра талентираните актери. Не претерувам. Тие се екипа која беспрекорно функцонира. Ја издвојувам Викторија Степановска, гостинката од Битола со насловната ролја. Таа поседува не само талент за глума, туку и музички потенцијал, особено важен за битовата драма. Голем пропуст е што актерите кај нас не се школуваат музички. Препознатливи сме по музикалноста, по необичниот ритам. Не е доволен само талентот, туку и работа – додава музичарот. Според него, музичкиот театар, во другите средини е развиен, на високо ниво. Би сакал подем, но треба поддршка од Министерствата за образование и за култура – додава Неќак, кој неодамна беше во Загреб, со операта “Салома” што била премиера минатата година на “Котор Арт”, која го отвори фестивалот “Еуроказ”. Марјан Неќак завршил средно музичко училиште, отсек соло пеење и контрабас. Компонира од раното детство Има афинитети за театарска музика. Дебитирал во 1997 година. Автор е на музиката за претставите “Куќи”, “Антигона во Њујорк”, “Крал Иби”, “Калеш Анѓа”, “Црна се чума зададе”, “Печалбари”, “Тимон Атињанин” и други. На Фестивалот “Војдан Чернодрински” добил пет награди за најдобра музика.

Loading