НА СЕКОЕ МЕСТО ПО ДВАЈЦА

Фудбал: Во 11 Октомври покриени сите линии со професионалци

Меѓу 25 првотимци се новите: Обрадовиќ, Мојсов, Велјановски и Марковски

Фудбалскиот прволигаш 11 Октомври навреме доведе нови играчи во преодниот рок. Од широк избор, беа одбрани четворица, на позиции каде се зголемува конкуренцијата, која неси квалитет. Во одбраната е приклучен Србинот Јовица Обрадовиќ (27), познат по настапите во Победа. Играше стопер, повеќе на десен бек. Кавадарчанецот Ѓорѓи Мојсов (26) играше во Унгарија и Романија, Тиквеш, Пелистер, Работнички, а дојде од Вардар. И од него многу се очекува во креацијата на играта. Во средината, кандидат е младинскиот репрезентативец, Александар Велјановски (19) од Пелистер, а во нападот четвртиот новодојден, Благојче Марковски (23) од Вардар, претходно голгетер на Силекс и матичниот Пелистер. Печат остави во кратовскиот тим со постигнати 10 гола. Во 11 Октомври се задоволни од сработеното летово. Покриени се сите линии. Единствено недопрена со нов, е голманската, што значи полна доверба во досегашните Пеце Коруновски, со помладите Дејан Кебакоски и Александар Игески. Екипата на Николче Здравески е посилна од пролетоска, кога ја освои второлигашката титула. Задржан е не само “костурот”, туку комплетниот играчки кадар. Тимот е оптимален со 25 професионалци, на секое место по двајца. Амбициите се пласман во горниот дел на прволигашката табела. Добро упатените велат дека ништо не е неостварливо кога во прашање е клуб зад кого стои гигантски спонзор – Витаминка. Кадешто е оваа фирма, таму се успесите. По содржајните подготовки од 20 јуни, со нетрпение се очекува ждрепката и распоредот викендов, да се види кој ќе биде на 30 јули првиот првенствен ривал на 11 Октомври.

Мегленски заздравува

Играчот за врска, Тони Мегленски, иако неодамна опериран, со штаки редовен е на тренинзите. Од клупата со внимание ги следи подготовките. Соиграчите го поддржуваат да истрае. Бргу заздравува по операцијата на коленото, повреда од 18 мај дома со Ринија. По еден месец би требало да стартува со лесни тренинзи.

Младите освежување

Во 11 Октомври има места за надежите. Повеќемина се покажаа есеноска, а летово од младинскиот, петмина се прекомандувани во сениорскиот тим. Преставуваат освежување. Со извршување на стучните задачи, се очекува да се наметнуваат во составот. Во младинската лига се истакнаа, а сега во строј со постарите се бранителот Филип Николоски, креаторите Никола Касниоски и Горан Здравески, напаѓачите, волеј мајсторот Влатко Тошески и најбрзиот Ицко Јанкоски.

 

Loading