ЧОЛИЧ И ЏИНОВИЌ ЗА ПИВО ФЕСТ

Се бројат на прсти деновите до деветтото издание на фестивалот на пивото Пиво фест на плоштадот од 14 до 17 јули. Сé е подготвено. Ќе се креваат и празнат до дно кригли и штуцни со малку горчливо вкусна пена од десетина пиварници и нивни претставници од земјава и странство. Ќе се дегустира Скопско, Прилепско, Лашко, Никшичко, Пауланер, Ирски Мефис, Карлсберг, Каменица, Туборг, Хајнекен… На пивскиот празник ќе се мезат вкусните кебапи, приготвени од дваесетина мајстори на месо на жар. Главната атракција годинава ќе биде концертот на отворено на југословенската поп легенда Здравко Чолиќ, кој ќе пали со “Гори ватра”… и други хитови на 17 јули, в недела. Не се соопштува за колку пари ќе пее Чола, но се кажа дека хонорарот го обезбедиле спонзори. Увертира ќе се македонските интерпретатори Ламбе Алабаковски, Влатко Илиевски и Елена Ристевска. Саботна пиво треска ќе предизвика настапот на Харис Џиновиќ.

Локалните власти очекуваат уривање на ланскиот рекорд со учеството на Светлана Цеца Ражнатовиќ. Годинава ќе се нагостат над 350 илјади посетители за четири дена. Затоа градот ќе биде организиран да ги прифати гостите со посебен режим на сообраќајот и обезбедени околу десет илјади паркинг места. Градоначалникот Марјан Ристески имал јавувања за организирани посети. Најавени се гости од Србија, Бугарија, Црна Гора, Грција. Се очекуваат и ВИП гости, градоначалници, амбасадори и пријатели од странство на бизнис елитата од Прилеп. Организаторот најавува и поставување на ВИП шатор за дружење на познатите музички имиња и новинарите. Манифестацијата е бренд за Македонија. Посетеноста омасовува од година во година. Забавата е збогатена со многу изненадувања. Затоа Пиво фестот се организира на поголем простор од лани, односно на 4 886 квадрати, на кој ќе се сместат 33 штандови со пиво и скара – вели Ристески. Бидејќи неколкуте сместувачки објекти веќе се резервирани, локаланата самоуправа организира бесплатен камп на паркот на револуцијата. Македонски железници најавија прекуредни композиции од Скопје до Прилеп. На првиот фестивалски ден за забавата ќе се грижи словенечкиот рок состав “Ред фај поинт стар” и француската експериментална дружина “Џоук”. “Масло во запалената музичка атмосфера ќе дотураат” домашните состави, битолската група “Фолтин” и ска-реге дружината “Суперхикс”. Петокот, 15 јули е резервиран за македонските рок -бендови “Прпл цепелин” и “Кросрод блуз бенд”, а специјален гостин е белградската рок група “Ван Гог”. Пред Харис Џиновиќ, ќе настапат македонските фолк – ѕвезди Гоце Арнаудов, Елена Велевска, Благица Павловска во саботата. Ќе има и алтернативната сцена за забава по полноќ .

ХИМНА ЗА ПИВОФЕСТ

Прилепскиот фестивал на пивото и скарата и официјално доби своја химна. Пивската музичка препознатлива нумера е дело на прилепскиот музички мајстор Борче Шабаноски. Копозицијата има и етно белези и ќе има за цел подгревање на еуфоричната атмосфера. Химната официјално беше промовирана на првата прес конференција во вторникот. Најавија дека, како и секоја, и годинава, ќе бидат максимално транспарентни и новинарите постојано ќе ги “хранат” со информации за деталите и пикантериите кои ќе се случуваат на пивскиот фестивал.

ДЕВОЈКИ И МОМЧИЊА – ДОМАЌИНИ НА ФЕСТИВАЛОТ

По примерот на минхенскиот “Октобер фест”, ќе има симпатично облечени девојки и момчиња кои ќе бидат домаќини на фестивалот. Во стилот на “баварките и баварците”, нашите младинци ќе бидат облечени во комбинација од народни носии и фестивалски имиџ. Ќе им помагаат на гостите да ги најдат полесно слободните места на штандовите и ќе делат флаери. Ќе бидат водичи на фестивалот и градот со цел, гостите да бидат повторни посетители на градот под Марковите кули.

Loading