ЗАМИНА КОЛОБАНОТ

Ин мемориам

На 62 години по кратко боледување почина актерот Кирил Ристоски, кој беше декан на ФДУ. По дипломирањето на одделот за драмски актери на Вишата музичка школа во Скопје, се вратил во родниот Прилеп и се вработил во НТ “Војдан Чернодрински”. Од 1978 година бил во МНТ каде останал неколку години. Во 1982 година ја започнал педагошката дејност на ФДУ, каде во 1988 година е избран за доцент, во 1993 за вонреден професор, а од 1998 година беше редовен професор. Под негово менторство се школувале еминентни актери. Во два мандата беше член на Сенатот на УКИМ, а десет години прв човек на МТФ “Војдан Чернодрински”. Неговиот начин на игра се одликуваше со уверливост и фантазија, со автентична енергија, леснотија и едноставност, препознатлива за големи актери. Имаше прекрасно чувство за хумор, иако беше сериозен. Кон работата имаше професионален однос, а тоа го бараше и од неговите ученици. Последната премиера ја одигра доаѓајќи од болница на сцена. Оствари над 80 ролји во претстави од светската и домашната драматургија, речиси во сите театри во земјата. Позначајни ролји му беа Актерот (во “Мангите пијат чај”), Марк Антониј (во „Јулиј Цезар”), Бота (во “Среќна нова 49”), Тартиф (во “Тартиф”), Дон Кихот (во “Дон Кихот”), Спиро Црне (во “Спиро Црне”), Колобан (во “Колобан”), Арсениј (во “Арсениј”), Полковникот (во “Полковникот Птица”), Верховенски (во “Бесови”) и други. Снимил над 20 ТВ драми, ТВ филмови и ТВ серии. Добитник е на повеќе награди и признанија, меѓу кои “Ристо Шишков”, “13 Ноември” и наградата на родниот Прилеп за животно дело, “Трети Ноември”..

Loading