“Кермес” да блесни во сјај и природен рај
На Могилата, во “Кермес” музички “тимпани” како пушка и грлена песна да ечат, за забавна игра старо и младо да влечат
Убаво би било загреан човек – угостител, желен за заработка, да се фати на “јамката” и да создаде катче за одмор и забава за уметниците по душа на местото на прочуената кафеана “Кермес” на Паркот на револуцијата, каде пред педесетина години се собирале млади луѓе како пчели на буен цвет. Таква слика посакуваат повозрасните. Копнеат да се врати сјајот на катчето од младоста, да ги видат внуците како тие пред годините. Пензионерот Живко Френцоски иницира обнова на еден природен, чист, ноќен забавен авантуризам. Не само за домаќините, за граѓаните, туку и за навраќање на туристи. Смета дека би било атрактивно место за мирни друштва на автомобилџии, моторџии, на тајфи со гитари, кои знаат да тегнат песни стари. Балади, композиции, народни мелодии, српски – македонски… Док палме нишу гране… Фијакер стари… Кафана се затвара сада… Ѕ’ма, Ѕма, Ѕ’м…, Два смо света – различита, И тебе сам сит кафано, Со вечерата и Магдено моме… Сето тоа да се декорира под палка на искусни готвачи, пејачи и музички групи и разни гости од секаде. Тоа е мечта на боемите, скараџиите, бизнисмените… Расположени носталгичари да запеат, без плејбек, жива свирка. Педесеттите години уште го поткреваат адреналинот за забави, за другарство и песни, за незаборавни танци и кампувања, летувања…
– Го заменувавме зеленото тутунско поле со младешки лудости, забави, вицеви, смеење, зафрканции. Разни генерации се собираа да фатат место, во летната бавча, по корзото, клупите – забележува Френцоски.
Имало и “тешки” и лесни песни, тежок и лесен чекор, уметнички и номадски танц, загргорен и птичји глас.
– Би било убаво “Кермес” да се “врати”, да заживее, оти беше збирното место на напредната младина, на боемите, на дружељубците. Паркот е измислен да се создаде милина, во амбиент на летна бавча со жива музика. Да се скрои место за уживање на секое сетило на оној кој знае да соживее со музиката. Младите со куп слободно време да не се собираат по зачадени кафетерии со силна само ним препознатлива музика. Затоа е добро да се уреди простор за вешти скараџии, место за музика и пејачи, простор за танц. Амбиентот е како роден, а и паркот сега е прекрасно уреден. Треба само желба и организација – рече Вренцоски.
Нему и на постарите уште му се незаборавни и меморирани длабоко во душата игранките во сега веќе запоставената Соколана. А тоа се местата на плодовите на првите љубови, пријателства.
– Мелем за душата беа танцевите, смеата расположението со мерак. Пецо Палио, Јашаро, Шиндевци, Тутунџија, Фициро, Младен, Мамушо… везеа на хармоника. Големата летна бавча ечеше, а воената музика ги разигруваше душите. Пеколна атмосфера, нозе се “кршеа” на ча-ча-ча, самба, румба во младинскиот дом кај Чумовчани – се сеќава Френцоски.
И салата од гимназијата “горела”, како мензата во Монополот. Кај Бизнис центарот имало летна бавча. Местенцето било надарено за налевање на порите со убавина, со валцери и танга. А зиме, машкиот дел, се опуштал во рестораните “Југославија”, “Балкан” и “Јадран”.