ДРЖЕТЕ ГО ЛОПОВОТ

Не е грешка само тогаш кога ќе се употреби некој погрешен збор, некој туѓ збор или туѓ израз. Уште поголема грешка е кога ќе се употреби некој невкусен збор, вулгарен израз на јавно место или од јавно гласило. А се случуваат и такви нешта. Многупати! На многу места!

Гледаме телевизиска емисија. Музичка. Гости во емисијата – позната брачна двојка. Музичари, пејачи! Освен за пеењето, водителот со нив разговара и за други нешта. За нивните почетоци, за нивната кариера, за нивните успеси. Ги прашува и за тоа како се случил нивниот брак! Како почнало тоа, како настанала врската. Објаснуваа пејачите. Од разговорот произлегува дека за да се случи врската, сопругот имал поголем удел, бил поактивен. Водителот, сака да биде духовит и прави забелешка. Не потсетува на онаа народната, дека, додека кучката не мрднела со опашката, песот не реагирал. Ја нагрди сета емисија. Зошто му требаше овој невкус?! Одличните пејачи, некако, преминаа преку тоа, божем ништо не се случило. Божем, се било во најдобар ред. Но, ете, водителот ни ги претстави пејачите, се претстави и себеси. А нас, гледачите, не омаловажи. Баш не му требаше такво нешто.

Политичка партија одржува конгрес. Се избира ново раководство. Се донесува нова програма за работа. Нормално е, секој да си ја фали својата програма. Нормално е да се вели, дека она што ќе го направеле тие е најдоброто за Македонија. Фалејќи ја програмата, ги повикува да бидат поддржани, зашто двете големи партии кои досега се менуваа на власт, ништо не направиле и ништо не можеле да направат. Затоа, тие требало да си заминат од политичката сцена. Апелираат да гласаме за нив, зашто, ако сме гласале за една од двете големи партии, тоа било исто, како она за ЗМИЈАТА и МАГАРЕТО. Приближно, со овие зборови заврши изјавата на староновиот претседател. Тоа ни го соопшти со увереност и со необична гордост. Резил! Резил, што не може да се мери со ниеден кантар. Овој израз го слушавме од тие луѓе и пред тоа, пред конгресот, а и потоа. Го повторуваат повеќе пати. Значи, тоа не беше некое случајно невнимание. Не беше речено само од еден човек и на едно место. Од ова произлегува, дека тие цврсто се држат за ЗМИЈАТА и МАГАРЕТО. Браво! Таков израз им прилега на интелектуалци како што сакаат да се претстават.

Голема бина на предизборен митинг. Многу луѓе, или како што милуваат да велат – НАРОД.

На бината – водачот и кандитатите за пратеници. Тупаниците кренати високо – до небо. Пењи на устите, пареа чури од зовриените глави. Преполни со Македонија. Ќе испукаат од МАКЕДОНШТИНА. Велат дека не постои жив човек кој ќе може да го смени уставот, а со тоа да го доведе во прашање јазикот и идентитетот. Се колнат дека идентитетот и јазикот не ги даваме. Дека нема сила што може да ги уништи. Викаат така и ги напаѓаат оние другите од спротивниот табор. Нивниот водач бил ЛОПОВ. Сите биле ЛОПОВИ. Почнува водачот, а насобраните луѓе (народот) ја прифаќаат неговата интонација и почнуваат да скандираат на најмакедонски начин – “ЛОПОВИ, ЛОПОВИ, ЛОПОВИ”!

Така треба! Нека се чуе на сите меридијани, на сите страни во светов, како се брани македонскиот јазик, па макар и со туѓи зборови. Ечи главниот град на Македонија. Се разлева на сите страни, “ЛОПОВИ, ЛОПОВИ”. Ќе се чуе дури и до Белград. Ако! Србите нема да ни се лутат што им го земаме зборот. Ни треба тој збор за потврдување на патриотизмот. Нашите зборови – КРАДЦИ и АРАМИИ, не се доволни.

Напред, народе македонски! Никој не може да ни го уништи јазикот – освен ние самите! Напред и само напред! Држете го ЛОПОВОТ!

Благоја Ивчески

Loading