ПАРИСКИОТ ШАРМ НА ЕВРОПА

Продажна галерија на отворено, како пазар, на кој уметниците ги чекаат своите пет минути слава

Не е осамено никогаш железното здание – Ајфеловата Кула

Версај сведоштво за разврат

Телото ми поттреперува, нозете ми лебдат по асфалтот, ме обзема некое чудно чувство – радост. Не, не се заљубив, туку телото ми реагира чудно, на претходно непознат начин. Тоа чувство ми го придизвикува претстојното патување за Париз, во градот на светлината, романтиката, модата, уметноста, градот кој диктира стил на остатокот од Европа како се станува метропола. Препорачувам авион. Оти ќе има можност да се набљудуваат преубавите австриски планини и нивните планински градчиња, завиени во мегаломански зданија на природата. Може да се види дури и некоја ски патека и скијачи што ги шараат Алпите. Аеродормот Шарл Де Гол е голем, но е распореден практично. Убаво е обележано, напишано дури и на англиски јазик, што за е реткост за Франција. Најдобри е да се престојува кај пријатели и да заштеди за сместување. Ако немате роднини, најдобар избор до сместувањето е превоз со автобус. Таксите се скапи, а автобусите се точни. Без сообраќаен метеж, уживате во возењето до центарот. Започнатата авантура обзема, оти Париз заробува со љубов. Не е битно каде е сместувањето, колку е блиску или далеку, оти градскиот превоз со автобус, трамвај, метро, пренесува за кусо време. И тоа точно на време. Поврзани се сите делови. Најдобро е да се купи поволниот оринџ билет со фотографија, да се користи автобус, метро и градскиот воз на два ката за 20 евра, за било која зона. За студенти има попуст. Тие се привилегирани со пониски цени и за билетите за музеите. Важно е да се обезбеди карта на градот. Има на секој чекор, во секоја трафика. Практични се џебните со најдобро обележани региони и сите улици.

Длабок џеб за Мулен руж

Така “товарен за скитање” тргнав низ Париз од најголемата главна, подземна станица Хаусман Сен Лазар, која се простира два километри под земја и каде се вкрстуваат некои линии на метрото. Оттука се излегува на површината, во центарот. Прва туристичка цел, секако е Ајфеловата Кула. Не е далеку ниту Мон Мартр. Уште полесно се доаѓа низ тесните улички до базиликата Светото Срце на ритчето од кое се гледа од сите страни. Распослани уметници низ уметничкиот кварт. Продажна галерија на отворено, како пазар, на кој уметниците ги чекаат своите пет минути слава. Привлекува заради завитканоста и изолираноста од гласните булевари. Се чувствува здивот на посебна нота, не толку гламурозна, туку блиска со луѓето. Симпатични кафетерии, мали галерии, книжарници од кои тешко се заминува празен. Пријатно е малку да се заскита, човек да се загуби, но со картата в џеб, оти може да се вртиш во круг. Да се заштеди малку време, препорачувам од Монмартр да се спуштите на првата голема улица – Булеварот Кличи. Таму е познатиот симбол на ноќниот живот на Париз – кабарето Мулен Руж. Да се следат претставите, потребна е резервација и подебело ќесе. Понатаму ништо не ја спречува прошетката низ интересни секси шопови и стриптиз барови.

Во срцето на Париз е паркот Жарден де Тулерис. На едниот крај е музејот Лувр, а на другиот Конкорд, на кој е поставена панорама од која се гледа цел Париз. Редиците се нужни. Недалеку се Големата и Малата палата, една спроти друга, кои на овој град страшно многу му се важни. Гранде Палас е јавен изложбен простор. Концептот е разновиден, со веќе одамна починати светски познати сликари, вајари, сé до најпознати дизајнери, фотографи од денешницата. Изложбите се, повеќе или помалку атрактивни. Епилогот на обиколката е улицата за која сите зборуваат и каде се наоѓаат најпознати трговски марки, како Луј Витон, Картие, сé до салоните на Пежо и Дизни продавницата.

Триумфалната арка со 284 скали

Авенијата на Елисејските полиња е раскошна, жива и голема улица со порака на велеград. “Врв” е споменикот на непознатиот јунак на Арк д Триумф, на плоштадот Шарл де Гол. Преку подземен премин се излегува точно на капијата на која се качува и се ужива во погледот на градот, како и на 12 – те булевари кои овде “се судираа”. Небаре планинарење, оти се качуваат 284 скали. Има и лифт, ама нема смисла да се користи, освен за инвалиди или постари луѓе. Под Триумфалната капија може да седне во воз и да стигне до еден дел на Париз, полн со деловни солитери и современа архитектура. Го крстиле Ла Дифанс.

За најпознатиот музеј Лувр треба да се одделат 3-5 дена. “Средба со импресионистите и неизбежната Мона Лиза е можна и за еден ден. Задолжително прошетајте низ Наполеоновите апартмани и ќе разберете зошто Франција во тоа време била најголема светска сила, а францускиот официјален дипломатски јазик. Доколку сте во можност посетете го официјалниот сајт на музејот за да имате предност.

Челичното здание – Ајфеловата Кула

Најпрепознатливата градба на светот – Ајфеловата Кула е сместена покрај реката Сена. Не е осамено никогаш железното здание. Мнозинство луѓе í даваат мир на оваа принцеза. Сигурно е најмногу фотографиран модел. Платото под неа е окупирано со луѓе, кои чекаат да се качат по скалите или лифтот. Грандиозноста предизвикува стравопочитување. Едноставно “убива” височината од 324 метри. Не се опишува погледот од “небото”. Наспроти, преку Сена, е Трокадеро, ридче на кое е сместена Палатата Челот, украсена со фонтани на платото меѓу двете згради. Оттаму Ајфеловата Кула може цела да ја собере во кадарот. Палата Д Токио е неизбежна станица во обиколката. Тоа е музеј на современата уметност. Зградата “турка од нозе”. Демонстрира дека неспоивото не е грдо. Со зелениот вагон на покривот, се дознава дека сте на вистинското место. Работата на младите од Академијата за уметност, сликарство, фотографија, дизајн, разноразни инсталации, вајарство í дава нова форма на досегашната уметност. Околу може да се пазарат симпатични книги за мали пари, да се пие кафе, да се јаде, или да се купува. ВИ-ФИ е составен дел од галериите, музеите, изложбените простори. Затоа пожелно е да имате андроид, наместо водич. Ги импресионира очите со својата стаклено – железна конструкција центарот Жорж Помпиду, или како што парижаните сакаат да го наречат, центарот на модерната уметност Бобур. Во комплексот се сместени Библиотеката на јавни информации, Националниот музеј на модерната уметност и Центарот за музички истражувања. Да се “лапне трошка” уметност потребно е минимум еден ден. На лице место може да се ужива во творештвото на современите уметници. Дозволено е фотоаграфирање. Чкрапајте моменти и во Лувр, но без блиц.

Шлаг е дворецот Версај. Најлесно се оди со рент а кар, оти има 18 км од Париз. Може и со железница. Редицата за влез е најдолга. Од состанокот со замокот и неговите одаи, станува јасно зошто моќниците на тоа време завршиле на гилотиња. Аристократијата, раскошот, хедонизмот, и ден денес се ненадминати и неприкосновени. Во некои делови е дозволено фотографирање, како и снимање, додека во одделни простории е апсолутно забрането. И да ризикувате, тие се затемнети, се чуваат од светлост, а блицот предава. Зад дворецот се простира градина со фонтани, лавиринти и вештачко езеро во форма на крст. Убаво место за пикник и рекреација, за што денес и го користат питорескните жители на Версај.

Нозете се уморни од пешачење. Папсува телото. И свеста е преплавена со слики од крвави династиски војни, револуции… Време за одмор и средување на импресиите за да се “врати филмот”.

Loading