ДОЈДОВ ЗА ПУБЛИКАТА И СПОНЗОРОТ

Фудбал: Ѓорѓи Мојсов, засилување за 11 Октомври

Тој е играч за врска, кавадарчанец со искуство од Унгарија и Романија

По Србинот Јовица Обрадовиќ (Крушевац) и битолчанецот Александар Велјановски (Пелистер), трето засилување летово за новиот прволигаш, 11 Октомври, е Ѓорѓи Мојсов (26) од скопски Вардар. Не одолеа на понудата во најфудбалскиот град. Бргу се договоривме. Привлекува стабилниот спонзор, амбициите, бројната и громогласна публика. Го гледав дербито со Тиквеш каде одлично се покажа 11 Октомври – вели Мојсов. Тој е кандидат за место во средниот ред. Може да игра последен и преден играч за врска. Подготвен е на секоја обврска од Стручниот штаб. Му се допаѓа офанзивната филозофија на 11 Октомври. Познавајќи го тренерот Здравески, очекувам напаѓачки фудбал. Сепак, многу зависи и од противниците. Имаме квалитет и можеме да влеземе во горниот дел, меѓу петте најдобри – истакнува Мојсов. Кавадарчанецот почна од матичниот Тиквеш, продолжи во Работнички и Вардар. Играше и во странство. Се покажа во Ѓер од Унгарија и Отелул од Романија. Отелул е актуелен шампион. Во спомен се моите добри игри, силната лига. Преку 11 Октомври верувам дека ќе се вратам на високото ниво, како на времето во странство – потенцира Мојсов. Брат му, три години помладиот Даниел, игра во одбраната на српскиот суперлигаш Војводина. Го бараат поранешна Југославија. Блиску е до репрезентативниот дрес. Сакам да бидеме братски тандем во репрезентацијата, како некогаш Бошко и Милко Ѓуровски. Сé е можно со добри партии и резултати во 11 Октомври – заврши Ѓорѓи Мојсов.

Пријателски од 7 јули

Првите денови од подготовките на 11 Октомври беа за истрчување, кондициски, а потоа се работеше и со топка. Од 7 јули стартуваа пријателските натпревари. Потенцијални ривали се Миравци, Хоризонт Турново, Напредок Кичево… Секој трет ден имаме тест. Планираме околу седум меча до стартот на 30 јули – информираат од 11 Октомври. Навивачите го очекуваат дебито на новите, како и на префрлените од младинскиот погон, Филип Николоски, Никола Касниоски, Горан Здравески, Ицко Јанкоски и Влатко Тошески.

Ждрепката во вторник

Распоредот за есенскиот дел од Првата и Втората фудбалска лига ќе се знае во вторник, по ждрепката на ФФМ. Во Првата лига 11 Октомври има 11 ривали, меѓу нив е Вардар на местото од Миравци. Во Втората лига, Победа јуниор е меѓу 16 тима. Двете најдобри прилепски екипи се потенцијални меѓусебни ривали во 16 – финалето од Купот.

Loading