ТОМЕ ОД ГЕТЕБОРГ ПОСТАВИ ПЛОЧА ЗА КОМАНДАНТОТ ДОНЧО

Во дворот на црквата Пресвета Богородица во селото Марул

Dvajca braka humanisti  Cvetan Jovceski i Tome Veljanosksi na rodnoto ogniste

Во Марул престојувала Втората Македонска ударна бригата во септември 1944 г., а марулчани на партизаните им подариле конак, храна и облека

Томе Велјаноски, иницијаторот за спомен плочата го зачувува секој настан од историјата на родното место, напуштено пред четири децении и заминал во Гетебор, Шведска

Сонот од детството, желбата и меракот кој го имал со години, му се исполни на марулчанецот Томе Велјаноски кој неколку децении живее во Гетеборг, во Шведска. Тој во дворот на црквата Пресвета Богородица, во родното Марул, постави спомен плоча во чест на командантот Дончо, славниот и храбар воин од НОБ. На свечениот чин на откривањето на мермерната плоча, над 80 гости, марулчани со синови, снаи и внуци се збраа, ем да се видат, ем да си помуабетат и да ги вратат спомените од минатото.

Штабот в црква

А токму тука, во дворот на црквата била партизанската база. Марулчани му овозможиле четиридневен пречек на ослободителите на чело со командантот Дончо. На ваков начин, Томе сака да се сочува историјата, да не се заборави. Поводот за собирањето е историскиот настан. Во 1944 година од 11 до 16 септември овде престојувала Втората Македонска народно ослободителна ударна бригада. Не случајно дошла единицата. Командантот Дончо Темелкоски – Војводата од Никодин имал двајца другари од Марул, со кои бил на вежба во Булачани, Скопско во 1939 г. Тие му помогнале да постави база во црквата. Штабот бил во куќата на Јован Новачески, каде поставиле обележје. Болницата со четири ранети партизани била во куќата на Петре Јанкоски. Стражарско место била кулата Павлеска. Со доаѓањето, партизаните добиле храна од селаните. Во црквата, командантот нашол заштитено место. Другарите од вежба, Благоја Велјаноски и Димко Талески, му го покажале патот до мостот на Тополчани, каде извршиле напад, иако од двете страни имало германски позиции и се вратиле преку Шелеверци, во Алинци. Кај чешмата извршиле напад на германската мотороризирана единица и се вратиле во базата. По четиридневниот престој, добиле храна, облека од селаните и со четири натоварени коњи заминале преку Бонче, за Дуње каде формирале нови борбени единици за ослободување на македонската држава. Целата бригада била воодушевена од помошта и на селаните командантот им напишал благодарница. Старите марулчани, домаќините кои ја пречекале бригадата, секогаш кога ќе се собираа, за Божик или Велигден, за тој настан муабетеа. Ќе се напиеја ракија и ќе разговараа за првата македонска војска после Самоиловата. Ги паметам раскажувањата, оти слушав со внимание, седејќи настрана. Со години си велев, ако можам нешто да направам, и ќе направам, ако бидам моќен, сé ќе сторам. И еве дојде ден. Ова ми е празник – вели Томе Велјаноски. Сведок на настанот е неговиот стрико Живко Ангелески (81) кој имал 14 години. Кога дојде бригадата сите истрчавме, пееја партизански песни. Командантот побара да го однесеме кај Милан Борачо. Му го покажавме патот до реката. Беше мрак, идеше тој по нас. Со Душан Јовански му побегнавме од страв, да не згрешиме и го предадеме Милана. Алал да му е на Томе за плочата и за сé друго. Дури ни е чудно како наоѓа средства, без да побара од нас – вели Живко Ангелески, современик на командантот Дончо.

Чест и за комитите

Марулчани ја сакаат историјата. На секој можен начин се трудат да ја сочуваат. Во 2002 г., за сто годишнината од загинувањето на тројцата комити – војводата Окле Ристе, Никола Атанасов и Јован Волче од Врбјани, го уредиле гробот, кој го сметаат за симбол, а за кој пишува и Томе Велјаноски во книгата “Жива историја”. Иницијатор за уредување на гробот беше екс пратеникот Цветан Јовчески, а помогнала и општината Тополчани. Навистина жива историја е Томе Велјаноски, кој има завршено само осмо одделение и шест предмети положил на правната школа во Скопје. Бидејќи немал пари, бил пак овчарче. Садел тополи и јасики. Завршил курс за заварувачи и во 1971 заминал за Гетеборг во Шведска. Сега е пензионер со дарба за пишување. Хуман е. Сака да помага. Душата му гори за Марул. Пламенот кон огништето го пренел во три книги и објавено една песна “Лична Подмолка”. Има уште шест песни кои сака да ги испее Војо Стојановски. Ука ми е од старите луѓе. Тие беа учители. Запишано е, сé што сум слушнал. Ќе шетам со овчарите, со говедарите и ќе запишувам, ми раскажуваа разни приказни и си собирав материјал – вели Томе.

Благодарница од болница

Велјаноски е татко на два сина. Кај нив ја развива желбата за хронологијата. Сопругата Спасија, која била родум од селото Подмол, го оправдува ангажманот на Томе, кој ги заградил со жица и селските гробишта, ја реновирал и училишната зграда. Томе само нешто планира. Сака да поправи она, да направи ова… Не мирува. Одморот, покрај средбите со браќата, сестрите, го користиме и нешто да се поддотера во селото. Пари не жалиме – вели сопругата Спасија. Помага и во болницата. Доби и благодарница од Општата болница каде донира 79 чивта патерици – вели сопруга му Спасија. Задоволство ми е да помагам. Ги сакам марулчани, прилепчани.. Народот да биде задоволен, да му биде полесен животот. Има вода од Студенец, има и две езера за напојување на стоката и едно езеро на реката Капинешка. За патот, се вети да го направи и Џорџ Атанасоски. За оние кои се враќаат да садат тутун преку летото, проблем е лошиот пат, долг 3 км до патот кој води за Подмол – вели Томе. Марулчани ги поздравуваат хуманитарните гестови на Томе и многу се благодарни. Убаво е ова што го прави. Ќе дојдеш, ќе се собереш, ќе се видиме. Секоја година прави по нешто. Селото се разубавува, благодарение на Томе – вели Миладинка Атанасоска, (55). Томе има мерак да го малтариса ѕидот на црквата да заличи. Живна Марул. Сега брои 12 куќи, а некогаш имал 58 со околу 300 жители. Џагор го исполни тремот на црквата, се поздравуваа снаи, јатрви, золви. Се прекрстија чашите со ракија. Се исчести Томе со селска јавнија за спомен на предците, за историјата на селото, до кое води земјен пат и каде само орли прелетуваат.

УЧИЛИШТЕТО СТАНА МУЗЕЈ

Училиштето во Марул е градено 1947/48г. а до 1944 г. децата учеле во кулата на Павлевци, каде за време на војната била стражарницата. До 1983 г. во училиштето се слушал џагор. Потоа го изело времето и пропаднало. Томе ги чува спомените од детството. Ја санирал и комплетно ја измалтерил училишната зграда.         Му го вратив изгледот и угледот. Училиштето е како црква. Нема деца, но може да биде музеј. Има слики да сведочат за историјата, за училиштето, за народот – вели Томе.

ПО ЕДНА ЛИРА ЗА СЕКОЈ КАМЕН ОД ЦРКВАТА

Кога се оформило селото, црквата била настрана. Со ископувањето на реката, во 1847 г. имало многу снег и вода, пукнала земјата, се разделила, и во црквата не се служело. На местото каде имало гробови на Поповци, кои биле свештени лица, започнала да се гради црквата. Се градела 12 години и во 1859 година била завршена и е осветена. Секој еден камен бил носен од Кукул, од Прилеп, иако марулци имале со тони камен, но бегот не продавал. Селаните кога ќе собереле лира, ќе купеле еден камен. Градена е камен по камен. Турците сакале да да се откажат селаните, но биле упорни и сакале да имаат црква и ја изградиле. Тогаш се крстиле две дечиња – Ристе Ѓорче Јанкоски и Грујо Боше Колески. Есента се венчале Ангеле Павлески и Менка Марковска која била невеста од Ношпал и засадила лозница во црквата – вели Томе.

Loading