СО МИЖЕЊЕ НИЗ СЛИВА

Прилепчанецот Талат Маџуни, мераклија за велосипедизам

До мостот на Црна Река во Мариово е 1,5 саат возење, а потоа уште половина саат до манастирот Свети Илија

Еден велосипед за низ град и еден за Мариово

Ретко кој друг прилепчанец, освен 62 – годишниот Талат Маџуни, кој потекнува од стара турска фамилија, е физички активен. Мераклија е за сите спортови, тренирал ракомет, постојано прави стомачни вежби, но “изгорен” е за возење велосипед. Секој ден е на две тркала. Ужива да врти на педалите низ Мариово каде се воодушевува на прекрасните глетки, на чистиот воздух. Го чувствува како Калифорнија. Не е жив, “гладен” е, ако не го јавне велосипедот и не се џитне катаден по мариовските кривини. Ниту нагорнината на Слива не му претставува никаков проблем за искачување. Упорен е и постојано ја одржува својата жилавост. Последните 5-6 години ефективно вози секој ден. Со “автомобилот на две тркала” ја шетал цела Македонија, а секој ден го крстари Мариово, и в долж, и попреку. Сообраќајот таму е мошне слаб. Се чувствувам безбеден, воздухот е преубав. До мостот на Црна Река возиме 1,5 час и се случува ниту еден автомобил да не сретнеме. Возам со Диме Димески, Кире Јавашо и Мавро. На пример, денес во 9.30 ч. ќе извозам до Писокал, до манастирот, 18 километри, а потоа од 15.30 ч. сум на работа во Пиварницата. Немам гајле. Способен сум за најтешка работа. Нозете ми се камен направени – вели Талат Маџуни.

Велосипедистички панталони со подлога

Мариовските височини ги совладува со стар велосипед Кондор, кој не бил скап, за разлика од оние кои ги возат младите и чинат и 800 евра. Сиот бил со шимано – јапонски делови. Го чува со посебен ќеф. Шибал нагоре и секогаш прв стасувал. За возење носи посебна гардероба. Шушкавецот е задолжителен, како и велосипедистичките панталони со подлога за да не биде тврдо седлото, додека патуваат некогаш и по 5-6 часа. Не застануваат никаде и речиси не прават починка. Носат само вода. Во зависност од времето, ја користат и опремата. Не тргнуваме без две внатрешни резервни гуми. Се случило да се дупне гума, но тоа кај нас нетрае долго. За 5 минути ја менуваме. Само вода носиме, никогаш кафе. Пред Писокал, на Слива, има многу убава вода. Ќе се напиеме и шибаме надолу накај Црна. Не одмораме, додека не стигнеме. Ќе каснам малку суво црно грозје или урми, и назад. Зимно време горе е сонце, а в град магла. Возењето велосипед ми претставува задоволство или прилепско кажано краста. Ако не појдам, се чувствувам неубаво – главата ме боли, омалаксан, сум како неарен. По загубата на сопругата, ми разменуваат мислите со возење – раскажува Талат.

И зиме на Слива

До Црна е околу 38 км., а до манастирот Св. Илија околу 50 км. Не вози на други релации, бидејќи му е страв од густ сообраќај. Можам да возам и со затворени очи од Слива надолу. Ги знам сите кривини. Летно време кога е жешко, со Јавашо тргнуваме и во 22 ч. на вечер, а во 23 ч. сме горе. Мештаните се чудат. Никогаш не се чувствувам изморен. Не ме боли ништо – вели Талат. Има посебна техника за слегување од Мариово. Не треба да се плашиш, ногата обратно да ти биде пуштена, да не си навален на кај кривината. Зиме се чисти снегот редовно. Горе има сонце, се слекуваме се миеме со снег. Невидена убавина – вели Талат. Тој е со велосипедот од дете. Ретко оди пеш, секогаш е на скеле. Има еден за Мариово, еден – локален велосипед. За низ град има “Рог стар”, словенечки велосипед со кој в зиме оди во Мариово. Не може да пресмета колку километри минал на велосипед. Му се случило и 100 км да мине дневно, врвејќи во Крушејца, Чаниште и до Витолиште. До Црна е 1,5 саат возење, а потоа уште пола саат до манастирот Свети Илија. Им препорачува на младите да возат велосипед, бидејќи е здравје. Според него никаде во Македонија нема поубава велосипедска патека, освен на патот за Мариово. Посакува градоначалникот да интервенира кај надлежните да го закрпат патот, оти имало дупки, кои се опасни.

ПАЗИ КРАВА!

Немал некоја незгода. Се плаши од добиток на патот. Еднаш се слизнав, оти гумите беа кинески, но сé мина без последици. Среќаваме и змии и смокови, но ги поминуваме. Еднаш поминав со тркалата змија на Слива. Не ја видов, оти возиме со 60-70 км/ч. Стравуваме најмногу од кравите. Проблем прави изметот на добитокот, кој може да нé лизне. Ги знаеме пасиштата каде се движи стоката на патот, и тука сме повнимателни. Со врзани очи можам да слезам од Слива – вели Талат.

Loading