ФЕРЕЏЕ И МИНИ ЗДОЛНИШТЕ

Мароко

Кока – кола низ Казабланка и афричка беда со џамија од 600 милиони долари, само за муслимани

Читав за Мароко, за Северна Африка, пред патувањето. Дознав дека тоа е земја со големо културно богатство. Но, и со бројни опасности и пречки за туристите. Сеедно – одлуката панда.

После повеќемесечни подготовки ги ставив работите во автомобилот – правец кон Африка, на пат од околу десетина илјади километри. За еден месец километражот беше поголем за точно 10800 км. Најоддалечената точка од Македонија беше околу 5000 км или најмалку пет дена возење. Поминавме Србија, Хрватска, Словенија, потоа Италија и Франција. Ја прокрстаривме Шпанија и Португалија. Најпосле стигнавме до Гибралтар, а од другата страна – Мароко. Наглиот премин од Европа во Африка предизвикува културен шок, затоа што се обидувам да го запознаам вистинското, а не нашминканото Мароко. Во муслиманската земја јасно се чувствува западното влијание, иако длабокиот темел на општеството е поинаку поставен. Тоа резултира со чувство дека речиси ништо не може да биде, според нашите сваќања, “нормално” во оваа земја. Затоа Мароко изненадува, без прекин. Направив круг од неколку илјади километри. Влегов во сите “стандардни” туристички дестинации, како што се кралските градови Феса, Макнес, Маракеш, и Казабланка, престолнината – Рабат, или пак урнатините на античкиот град Волубилис. Го поминав Атлас, атлантскиот брег, па далечни места со малку туристи. Се обидов да контактирам со населението. Успеав да разберам дел од нивните сваќања и начин на живот. Искористив да ја “допрам” Сахара и да ги набљудувам песочните дини кога сонцето се крева над хоризонтот.       Најпосетени дестинации се најатрактивните. Мароко е исклучок. Затоа препорачувам за претпазливост на илегалните водичи, кои бесконечно ги облетуваат странците низ дивиот сообраќај, речиси без правила каде владее законот на свирките. Најопасна стапица се ниските хигиенски услови со валканите и смрдливи санитарни јазли, со ретки тоалетни школки. Казанчињата се луксуз, и во дел од изобилството на валканите хотели. Неверојатна опасност демне од храната и водата. Затоа ризикот од труење со храна и вода се постојани закани.

Враќање во библиско време

За разлика од урбаните градови, зафрлените рурални средини се без многу туристи. Затоа се неспоредливо поинтересни, полни со традицијата, зачувана во оригинал. Небаре, музеј на живи луѓе со традиционален живот. Тргнав од Маракеш кон врвовите на Атласката гора. Патот тесен нагоре, без сообраќај. По 200 км се минува над 2000 метри височина низ Атласките врвови. Во беспатието нема шуми. Преовладуваат нијанси на голите планински височини. Изненадува по некое селце со куќи од кал и слама, како во библиско време. Се вклопуваат во суровиот пејзаж. Од планинските засолништа истрчуваат мустаклиски типови кои дочекуваат странци. Мафтаат со пакетчиња, извикувајќи, марихуана, хашиш! Во дивината свртувањето од главниот пат не е баш пријатно. Запрев во селото Аит Бенхадоу. Тоа е целосно зачувано од било какви зафати од поново време. Патот нé однесе во село, неодамна ставено на листата на УНЕСКО на светски градини. Изгледаше впечатливо, оти такво нема во Европа. Живо и уникатно. Познато е од снимањето на филмот Исус од Назарет. Еден Мароканец и Бербер раскажува за животот во тие краишта. Од 14 години ги разделуваат од семејството машките и женските деца за да се венчаат исклучиво по желба на родителите. Така се оженил и нашиот соговорник, а неговата жена, како сите други, е домаќинка во куќата. Подработува теписи. Неверојатни се приказните за значењето на теписите, кои раскажуваат за желбите и надежите на жените кои ги ткаат. Низ орнаментите на дизајнот се описите на бројните берберски обичаи. Соговорникот порачува ниту случајно да не се сликам со жени. Највредно во Мароко се старите делови на градовите Фес, Макнеш и Маракеш, па затоа тие места се и најпосетени. Станува збор за светско културно богатство од неспоредлива вредност. Шетањето е враќањето во средновековниот пазар и сé уште постоечкиот стар пазар. Тоа не е фикција, не е музеј, тие тесни лавиринти на огромни пазари, кои служат исто како и во вековите наназад. Транспортот се одвива со магариња, оти автомобилите се пошироки од сокаците. Сиромаштијата не ја допрела модернизацијата. Затоа доживувањето е целосно. Лавиринтите се интересна пречка за туристите, оти се кривулести, а се простираат на површина колку еден голем град. Главните улици не се разликуваат од слепите, споредните. Никаде нема ниту патоказ. Има препорачана тактика за успешен и брз излез од лавиринтот. Треба да се следат брзите текови на луѓето. Каде што се сретнуваат најмногу луѓе, обично постои премин. Ако се држи насоката, може да се избегне вртење во круг и мора некаде да се излези. Трговци на отворено продава од овошје до мебел. Во делови има различна трговија – во една улица се купуваат влечки, во друга облека, во трета месо и риба… Трговците се обидуваат да насамарат некој турист со повисоки цени. Ако долготрајно се пазариш, тогаш цените се повекратно пониски отколку во Европа. Главно се е по багателни цени, само поголем дел на стока е чкарт и кич. Нужно е внимание. Некои беспомошни и дезориентирани странци со часови се обидуваат да излезат од лавиринтот и да фатат такси. Во некои од музеите се доживува типичната муслиманска култура. Казабланка и Рабат се модерни центри кои го изгубиле шармот на минатото. Интересна е џамијата Хасан втори во Казабланка. Импресивна е по убавината, не заради тоа што е една од најголемите религиски објекти на земјинава топка, туку храмот е слика и прилика за општественото уредување. Сиромашниот народ потрошил на градбата, неверојатни 600 милиони долари. Разочарувањето доаѓа со забраната за влегување во џамијата на немуслимани. Разгледувањето се сведува на ѕиркање од влезот.

Свет на контрасти

И поединечните мали бисери не ги оставаат посетителите рамнодушни. Мароканците длабоко се поделени на Арапи и Бербери со многу различни погледи и култура. Арапите полесно го прифаќаат Запад, а Берберите, староседелците, остануваат конзервирани и доследни на традицијата. Во Казабланка или Рабат се гледаат западно облечени жени на шалтерите на банките или во продавниците, а во руралните средини со берберското население, жените исклучиво работат дома, без да се шетаат на улиците или, уште помалку, во кафетериите и рестораните. Сето тоа е Мароко, земја која во своите темели е значително различна од Европа. Оваа земја, практично е тврд орев за патниците, заради бројните непријатности и стапици кои стојат пред странците. Патувањето е во сферата на ризична авантура. Западната култура тивко се вовлекува, и покрај тоа што голем број луѓе огорчено се спротивставуваат. Тоа ги цепи темелите на мароканското општество. Не се поврзува неспоивото – жените се затворени дома и подредени на мажите, кои се запалени со западна култура низ Кока Кола, Мерцедес, дискотеки и фудбал. Нема на исто место бурки и мини здолништа. Соочувањето со сиромаштијата е вредно животно искуство. На секој чекор јасно се гледа дека земјата е неспоредливо посиромашна од било која европска. Најголем проблем е огромниот наталитет, кој резултира со неможност луѓето да се вработат, а невработен е секој трет работоспособен млад човек. Сиромаштијата на Мароко шокира, но таа е всушност многу далеку од бедата на Африка.

Loading