ЧЕРНОДРИНСКИ ПОВЕЌЕ НА СЦЕНАТА

Театарот мора сериозно да ги користи придобивките на своите претходници, па и на Чернодрински и да ги вмрежува во современите светски театарски трендови”. Ова е заклучокот од трибината “ Селектирани сеќавања – Чернодрински 60 години отпосле” што се одржа во рамките на Фестивалот, а на која беше речено дека патронот бил солиден хроничар на своето време, а неговиот писателски ангажман не само што е евидентен, туку е мошне значаен, неменлив, провокативен и драгоцен и се уште актуелен. Токму затоа бил своевиден наратив, ремеморизиран во делата на повеќе современи македонски автори, меѓу кои Дукоски и Насев. Чернодрински, како што ќе рече Петар Темелковски, љубоморно го доживуваме преку неговото творештво кое е ревносен дар. Така и ќе продолжиме затоа што Македонија знае да ги цени придобивките. Нашиот театар, кој го носи името на патронот, доста го протежирал поставувањето на негови текстови. Досега се играни четири текста во шест премиерни поставки. Првата била “Македонска крвава свадба”. Пррвпат била поставена во 1953/54 година во режија на Душан Наумоски. Втор пат во 1964 во режија на Благоја Дамески, а трет пат во 2000 година во режија на Стојан Стојановски. Во 1967/68 театарот го поставува “Робот и Агата” а го режира Благоја Дамески. Наредната година се играл” Од главата си патиме” во режија на Ацо Алексов. Во 1987 година Коле Ангеловски го поставува текстот “Духот на слободата”, а во 2000 година Кирил Петрески го режираше овој текст. Театарот на 10 јубилејни театарски игри прикажал претстава во режија на Благоја Дамески, работена според текстовите “Македонска крвава свадба”, “Робот и агата”, “Од главата си патиме” “Срешта” и “Зло за зло”. Како што е забележано во театрографските податоци од 1976 година, тоа било ракатка на најдобрите и најпознатите драмски текстови на Чернодрински. Едноактната пиеса “Срешта” првпат била прикажана во тој колаж.

Loading