ХАМЛЕТ НА ТРОНОТ

По 46 МТФ”Војдан Чернодрински”

Наградата за уметничко остварување во целина доби претставата Хамлет на Драмскиот театар од Скопје

Дејан Пројкоски е добитник за режија, а Дејан Лилиќ за улогата на Хамлет

Јелена Жугиќ ја понесува наградата за главна женска улога со играта на Хекуба во претставата Геноцид 21 на Драмски

Aplauzi za najdobrite

Се спушти завесата, секна аплаузот. Заврши уште едно издание на МТФ “Војдан Чернодрински, 46 по ред, посветено на патронот Војдан Чернодрински. Фестивалот ќе се памети по богатата официјална и придружна програма. Се проследија разнородни претстави на текстови од домашни и странски автори. Се виде лепеза на ставови на режисерите, на актерите, преточени во театарскиот чин.     Се е театар се вели. Градот една недела живееше со театарот. Наградите и аплаузите за заслужените, најдобрите, кои ги одбра жирото, Лилјана Мазова, Петар Мирчевски и Веби Керими. Со свеченото доделување на наградите вчера се спушти завесата на 46-тото издание на Македонскиот театарски фестивал “Војдан Чернодрински”. Жирито оцени дека режисерот Дејан Пројковски треба да ја понесе наградата за режија на претставата Хамлет. И актерот Дејан Лилиќ се закити со наградата за главна машка улога за извонредно креираната ролја на Хамлет. Наградата за рекламен материјал отиде во рацете на Владо Ѓоревски – Рафик за дизајнот на проспектите за Хамлет. Јелена Жугиќ ја понесува наградата за главна женска улога со играта на Хекуба во претставата Геноцид 21 на Драмскиот театар од Скопје. Лилјана Мазова изјави дека целиот ансамбал довел на сцената нов Хамлет, не оној од 16 век на Шекспир. Во режијата на Пројковски, играта на Лилиќ и целиот ансамбал, се гледа денешен Хамлет, што ја надминува дилемата да се биде или – образложи Мазова. Меѓу младите актери, кај оценувачката комија, силен впечаток остави Никола Пројчевски со играта на Петелот во претставата Обични приказни на битолскиот театар. Тој ја понесува наградата за млад актер “Трајко Чоревски”. Лаври заслужи текстот на Гоце Смилевски, Спиноза, во истоимената игра на Малиот драмски театар од Битола. Амернис Нокшичи – Јовановски ја однесе наградата за женска епизодна улога за играта на Сузана Делиција во претставата Оркестар на Албанскиот театар, а наградата за машка епизодна улога “Димче Трајковски” му се додели на Владо Јовановски за глумата на Верховенски во претставата Бесови на МНТ од Скопје. Импресивна сценографија за признание, жирито препозна во креацијата на Валентин Светозарев во претставата Обични приказни на битолскиот театар. Награда доби Марјан Нечак за музиката во претставите Антица на прилепскиот театар и на Обични приказни на битолскиот театар. Костимите на Александар Ношпал во претставата Арапска ноќ на Турскиот театар заслужија признание. Оценка за најквалитетна кореографија и сценски движења, жирито имаше за Олга Панго во Оркестар на Албанскиот театар. Некои претстави ќе се запаметат, а некои останат само бројка. Но, 46 -тиот Фестивал помина во знакот на одбележувањето на 60 годишнината од упокојувањето на патронот. Во негова чест изложба на фотографии и плакатки, трибина “Селектирани сеќавања – Чернодрински 60 години отпосле”, и потсетување дека театарот мора сериозно да ги користи придобивките на своите претходници и да ги вмрежува во современите светски театарски трендови.

Loading