ТРОЈЦА ПРАТЕНИЦИ ОД ПРИЛЕП

По предвремените парламентарни избори

Ристески и Стевананџија од ВМРО – ДПМНЕ и Сугарески од СДСМ се нови пратеници

ВМРО – ДПМНЕ и Коалицијата вкалкулира уште една победа на предвремените парламентарни избори. Со освоени над 22 600 гласови во Прилеп во изборната единица четири, двајца прилепски кандидати од четворицата, се дел од 11 освоени пратенички места на владечката партија. Од ВМРО – ДПМНЕ ќе седнат во собраниските клупи Марјан Ристески и Димитар Стевананџија. Најголемата опозициска партија СДСМ освои девет мандати во четворката, од кои во Прилеп, Горан Сугарески, досегашниот пратеник, пак ја имаше довербата и ги освои симпатиите на речиси 21 илјади граѓани. Останатите политички субјекти не успејаа да ги анимираат граѓаните и да соберат доволно гласови за собраниски мандат. Во меѓувреме, неизвесно е дали градоначалникот Марјан Ристески ќе се пресели од кабинетот во собраниските фотелји. Блиски извори на партијата сметаат дека Ристески останува да биде татко на градот, а неговото место во собранието ќе го презема 12-тиот на списокот со кандидатурите, а тоа е Ана Лашкоска. Кандидатот на ВМРО – ДПМНЕ и досегашен пратеник, ветеринарот Панче Дамески е на 14 место на листата на партијата, што е недоволно за пратенички мандат. Како и да, прилепчани и цела Македонија, уште еднаш ја ставија демократијата на тронот и демонстрираа дека зрело и по европски терк го пренесуваат правото на глас на своите претставници. Над 49 илјади граѓани или 72 отсто од оние со право на глас се изјаснија за некоја од десетте кандидатски листи на политичките партии во атмосфера на фер и коректен демократски процес, без инциденти, притисоци и аномалии.

Loading