ПОЧИТ И ПРИЗНАНИЕ ЗА МОЈОТ ТРУД

Коле Ангеловски, режисер

Актерот, режисерот, артистот, сценаристот, комедиографот, преведувачот Коле Ангеловски, кој годинава одбележува 50 години од творештвото, е добитник на наградата за животно дело на Фестивалот. Вели оти признанието му претставува голема чест. Големо е задоволството да ја добиеш наградата. Особено кога ја добиваш за нешто што си работел цел живот во театар. Среќен сум, оти признанието доаѓа заедно со моите двајца соработници, пријатели со кои соработувам долги години и со кои сум ги направил сите претстави во прилепскиот театар, а некои и во други театри. Ќе биде стимул да продолжам да работам со исто темпо како и досега – вели Ангеловски. Академија за театар, филм, радио и телевизија заврши во Белград, по што во 1967 се вработува во Драмскиот театар, од каде во 2008 година се пензионира. Но се уште е неуморен во работата. Како актер дебитираше со главна улога во филмот “Саша”. Потоа продолжи како режисер. Во театарот има одиграно повеќе од 20 улоги. На филм 40. Учествувал во ТВ серии и филмови. Има режирано над 120 претстави низ театрите во Македонија и Југославија, од кои 22 се во прилепскиот театар. Режираше два играни филма и еден документарец. На ТВ режирал повеќе од 500 часа играна програма. Напиша три комедии и еден текст за деца, преведе преку 40 театарски текстови. За уметничките плодови, повеќекратно е наградуван во земјава и во странство. Вели дека за да се опстане долго време во една професија потребна е упорност, посветеност и талент.За него режирањето филм е болка, а работата во театар задоволство.

Loading