БЛАГОЈА СПИРКОСКИ – ЏУМЕРКО (Прилеп, 1946 г.)

Во театар работи почнувајќи од 1966 година до пензионирањето. Со завиден успех настапувал и во голем број ТВ драми и серии, во радио драми и во играни филмови. Забележително е неговото актерско остварување во ТВ серијата “Солунски патрдии”. Гостувал и на сцените во Битола, Куманово, Штип, Велес, Струмица… Благоја Спиркоски е синоним за актерска популарност и омиленост кај публиката. Важи и за талент со специфични актерски одлики кои придонесоа за високото реноме, на што се должи и неговата ангажираност во сложени сценски задачи. Во четиридецениската кариера израснува во еден од водечките актери во матичниот театар, но и пошироко во целината на македонското глумиште. Иако неговиот актерски опус опфаќа широк спектар на ролји од најразличен жанр, во дела од светската класика и современа драматургија, сепак најзабележителни се неговите остварувања во делата од домашната драмска продукција. Некои од неговите најзначајни ролји се во дела на автори, како што се: Ристо Крле, Јордан Плевнеш, Миле Попоски, Благоја Ристески – Платнар, Блаже Миневски, Блаже Алексоски и др. Показателни за неговата актерска сензибилност и афинитет се и неговите креации во камерните театарски форми (Ибро Јаране), а неодминлив е и неговиот потфат за опробување на теренот на лизгавиот жанр на монодрамата. Така, ќе остане забележано дека во монодрамата “Аз, Марко” од Бошко Смаќоски, Спиркоски ќе го манифестира својот талент и усет за комичните нијанси и созвучја, но и за драмските моменти за кои тој е подеднакво благороден медиум како актерска индивидуалност. Останувајќи најчесто мртов ладен Спиркоски засмејува се околу себе, секогаш подготвен за трансформација и менување на ракурсот, подтекстот, приодот и редовно успешниот пласман на зборот, гестот, погледот… Добитник е на поголем број награди на МТФ во Прилеп.

Loading