… ЌЕ БИДАМ ПАК АКТЕР

Трајче Иваноски, актер

Трајче Иваноски, влегувајќи во театарот во 1966 година, па се до денес, со својот ангажман остави длабоки траги, играјќи ролји со предзнакот главни, стожерни… Настапувал во дела од домашната драмска продукција, но и од светската класика и современата драматургија. На 66 годишна возраст и со 46 години во театарот, за наградата вели дека е признание за неговиот труд, за уметничкото богатство што го оставил. Им благодарам на сите во колективот, на колегите, на театарот, кој е хит во земјата, на најверната публика за поддршката што ми ја даваа. Наградата не е само за минатиот труд, туку е и поттик за натамошно креирање. Мојот ангажман не завршува. Уште сум сцената, сега мислам најмногу. Имам пет проекти, шестиот е во тек, а работам на монодрамата за првиот градоначалник Илија Димоски – вели Иваноски. Почетоците му биле како аматер во 1965, за наредната година да стане професионален актер. Таа година се подготвуваше Македонска крвава свадба. Тогаш на театарот му требаа млади. Играв во претставата. Некако тогаш не се гледав во театар. Окото на режисерите, на управата, им запна и наредната година станав професионален актер. Ме радува симболиката што ми се поклопува. Првата професионална улога ми беше во “Чорбаџи Теодос”. Со големо задоволство го играв Ампо. Улогата беше многу добро примена – објаснува Трајче. Не води евиденција колку улоги досега одиграл. Но, според архивата на театарот биле многубројни. Не само во прилепскиот, туку и во Битолскиот и во Драмскиот театар. Ако се пребројат ролјите можеби имам гинисов рекорд. Нема што не сум играл. Од крал, питач, претседател, до херој, љубовник… Како годините налагаа се менуваа улогите. Времето го правеше своето. Бев посветен кон сите. Немав време да размислувам која улога сакам да ја играм. Сите ми се драги. Се внесував во нив. Така е и ден денес – објаснува тој. Не крие дека е среќен што одбрал да биде актер. Во театарот има чудесен свет кој го нема надвор. Магија е да играш, да сонуваш, да патуваш. Но, кај мене не беше само сон. Во театарот го остварив сето тоа. Секаде патувавме и гостувавме. Големо е другарството во ансамблот. Ако повторно се родам, пак ќе бидам актер. Голема поддршка ми дава сопругата Лидија, исто така актерка. Со неа сме заедничка институција, која си помага, но и си ги кажува маните. Имавме доста расправии, но дома решававме како да ја одиграме улогата. Ние ја одигравме првата дуо драма во прилепски театар. Лидија ја воведе монодрамата. Голема ми беше поддршката да се твори и да се креира. Ако имаш поддршка, одиш напред – оценува актерот. Радосен е што сега, во театарот, по комплетирањето, имало критична маса на творење. Имаме творечки дух, имаме фамилијарно живеење. Добри се и човечките односи. Последните претстави потврдуваат дека се везат многу добри претстави. “Антица” е врв. Пред 10 години го започнавме напредокот, сега сме на врвот. Постарите бевме камен темелниците во изградбата на овој ансамбл – вели Иваноски.

Ролји за почит

Во потсетот што Трајче Иваноски одиграл можат да се спомнат улогите на Протасов во “Деца на сонцето”, Креонт во “Антигона”, Агатон во “Нажалена фамилија”, Аџи Трајко во “Бегалка”, Горчин во “Скок преку кожа…” Во одлично одиграните улоги спаѓаат ролјите во комедиите на Миле Попоски и во низа водвилји (особено во оние од Реј Куни), а во своето зрело доба остварува забележителен настап во улогата на Киро во “Полковникот птицаод Христо Бојчев. Настапувал и во претстави за деца. За ролјата во “Собирен центар” од Д. Ковачевиќ ја освои наградата за најдобро актерско остварување на фестивалот на комедијата во Корча, Албанија.

Loading