“ ПРЕСКОК “ ВО ПАСАРО ПАПАФАВА

ЦК”Марко Цепенков” на 54 Венециско биенале

“ ПРЕСКОК “ ВО ПАСАРО ПАПАФАВА

Три скулптури од проектот “Прескок” на професорот Жарко Башески и ЦК “Марко Цепенков” се изложени на 54 Венециско биенале. Скулптурите се во палатата Пасаро Папафава. Директорот Тони Чатлески вели дека учеството е од големо значење. Тоа е потврда за нашето лидерство во ликовната уметност. Преку Венеција, ќе се чуе не само за нашата институција, туку и за Прилеп – вели Чатлески. Инсталацијата претставува три сложени супер реалистички скулптури на еден ист човек, со димензии поголеми од вообичаените, во три ситуации. Приказната за скулптурите е заснована врз идеите на германскиот филозоф Ниче. Скулптурите од силикон, работени осум месеци, се метафора на проблемот на човекот, на неговата фигура, психологија. Задоволство ми е што како прилепчанец носител на проектот е Центарот за култура – вели Башески. Проектот ги отсликува човековите напори за себенадминување, за можноста да се надрасне, да се пресконе себе си и да ги прескокне ограничувањата на стварноста, која ја создава. Башески се свртува кон обичниот човек и се обидува да постави прашања за смислата на човековото постоење. Човекот на скулпторот е акробат, жонглер со сопственото тело, одач по жица оптегната над светот – вели кураторот Емил Алексиев. Жарко Башески е професор по вајање, вајарски техники и цртање на Факултет за ликовни уметности во Скопје. Негови дела се Александар Македонски, Итар Пејо, како и коњаниците Гоце Делчев и Даме Груев во Скопје.

Loading